Судот во Санкт Петербург ги прогласи еден од најпознатите руски телевизиски новинари Александар Невзоров и неговата сопруга Лидија како „екстремистичка група“ и нареди конфискација на нивниот имот во Ленинградската област во северозападна Русија.
Адвокатот на Невзоров, Алексеј Пјанишников изјави дека со судската пресуда се наредува конфискација на имот, автомобили и акции во приватната компанија на новинарот во егзил, јави рускиот сервис на Радио Слободна Европа.
Невзоров, кој отворено ја осуди инвазијата на Москва на Украина и побегна од Русија во земја членка на Европската Унија во 2022 година, на Телеграм напиша дека руските власти се ценкале со него два месеци, обидувајќи се да го „убедат“ да го промени својот став кон руската агресија против Украина во замена за „добра судска одлука“.
„Слободата чини многу. Но, ниту една од нејзините цени не може да биде превисока“, напиша Невзоров.
Во февруари минатата година, судот во Москва го осуди Невзоров во отсуство на осум години затвор под обвинение за дискредитација на руските вооружени сили.
Видете и ова: Руска уметница доби седум години затвор поради антивоени поракиИстражниот комитет започна истрага против Невзоров во март 2022 година поради изјавите на Инстаграм и Јутјуб во кои се критикуваа руските вооружени сили за смртоносниот напад на старечки дом во украинскиот град Мариупол и за наводното мачење и убивање цивили во градот Буча.
Во јуни 2022 година, украинскиот претседател Володимир Зеленски потпиша декрет со кој на Невзоров и неговата сопруга им се доделува украинско државјанство „за извонредни услуги“ за Украина.
Видете и ова: „Виновен сум“: Руски антивоен активист обвинет за „дискредитација“ на АрмијатаНеколку дена по започнувањето на инвазијата на Украина на 24 февруари 2022 година, рускиот претседател Владимир Путин потпиша закон кој предвидува долги затворски казни за намерно ширење „лажни информации“ за руските воени операции, како дел од напорите на Кремљ да го контролира наративот за агресија против соседната земја.
Законот предвидува казни до 10 години затвор за лица осудени за кривично дело, додека казната за намерно ширење „лажни информации“ за руската војска што доведува до „тешки последици“ е 15 години затвор.