Неколку часа откако новинарот Ајдос Садиков, кој беше гласен критичар на казахстанската влада, почина во болница, главното украинско обвинителство на 2 јули соопшти дека планира да го смени обвинението против двајца Казахстанци од „обид за убиство“ во „убиство“.
Садиков почина денеска откако беше застрелан на 18 јуни во Киев.
„Во моментов, агенциите за спроведување на законот работат на промена на претходното обвинение за обид за убиство во обвинение за убиство со умисла и групна завера за извршување на убиство“, се вели во соопштението на обвинителството.
Претходно во текот на денот, сопругата на Садиков, Наталија Садикова, на Фејсбук напиша дека нејзиниот сопруг, кој беше хоспитализиран на интензивна нега по пукањето пред две недели, починал од компликации.
Садиков, кој доби голем број следбеници на социјалните мрежи меѓу незадоволните Казахстанци, се пресели во Киев во 2014 година со своето семејство, откако казахстанските власти започнаа истрага за клевета против неговата сопруга, новинарка на независниот весник „Республика“.
Видете и ова: Почина казахстанскиот антивладин активист кој беше застрелан во КиевТој беше застрелан на 18 јуни додека седел во својот автомобил, пред неговата станбена зграда. Наталија која во тој момент била во автомобилот останала неповредена.
„Ајдос 13 дена се бореше за живот на одделот за интензивна нега, но чудото не се случи“, напиша таа.
„Неговата смрт е на совеста на Токаев“, рече таа, мислејќи на актуелниот претседател на Казахстан, Касим-Жомарт Токаев.
Еден ден по пукањето, украинската полиција како напаѓачи идентификуваше двајца Казахстанци, Меирам Каратаев и Алтај Жаканбаев, велејќи дека тие влегле во Украина од Полска и побегнале во Молдавија веднаш по инцидентот.
Казахстанските власти на 22 јуни соопштија дека го уапсиле Жаканбаев откако тој самиот се предал и дека работат на пронаоѓање на Каратаев.
На 25 јуни, украинските обвинители соопштија дека бараат екстрадиција на двајцата мажи од Казахстан и издале потерница до меѓународната полициска агенција Интерпол.
На 27 јуни, претседателот на Горниот дом на казахстанскиот парламент, Маулен Ашимбаев, ја повтори претходната изјава на портпаролот на Токаев, Берик Уали, велејќи дека Казахстан е подготвен да соработува со украинските власти.
Сепак, Ашимбаев рече дека неговата земја нема да го екстрадира Жаканбаев во Украина, велејќи дека според казахстанскиот закон, граѓаните на таа земја не можат да бидат екстрадирани во други држави.
Казахстан со години е критикуван за репресијата на независните медиуми и владините критичари.
На 2 јули, независниот казахстански политички аналитичар, Димаш Алжанов, рече дека претходната вечер му се заканувале двајца непознати мажи во ходникот на неговиот станбна зграда во Алмати.
Според Алжанов, едно од лицата го прашало дали тој е Димаш и направил заканувачки гестови кон него, по што двете лица го напуштиле местото.
Видете и ова: Си Џинпинг во посета на КазахстанАлжанов, кој е познат по неговите аналитички коментари за работата на казахстанската влада, ситуацијата во Централна Азија, Русија и тековната инвазија на Москва врз Украина, рече дека инцидентот го пријавил во полиција.
Организациите за заштита на човековите права изминатиот ги критикуваа властите во Казахстан дека прогонуваат дисиденти.
Казахстан беше управуван од авторитарниот претседател Нурсултан Назарбаев од неговото осамостојување од Советскиот Сојуз во 1991 година, па сè до 2019 кога на функцијата дојде актуелниот претседател Касим-Жомарт Токаев.
Во изминатите три децении, неколку опозиционери беа убиени, а многумина беа затворени или принудени да ја напуштат земјата.
Токаев, кој ги прошири своите овластувања откако Назарбаев и неговото семејство ја напуштија политичката сцена по смртоносните и невидени антивладини протести во јануари 2022 година, вети политички реформи и повеќе слободи за граѓаните.
Сепак, многумина во Казахстан сметаат дека реформите што ги најави Токаев се козметички, бидејќи сузбивањето на неистомислениците продолжи дури и откако претседателот ја објави својата програма „Нов Казахстан“.