Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел ја откажа најавената посета на Црна Гора, а планираните разговори ќе ги има со претседателот на Црна Гора Јакоб Милатовиќ во Брисел.
„Се договоривме да се сретнеме во Брисел во вторник (2 јули). Важно е Црна Гора да остане фокусирана на европскиот пат“, напиша Мишел на платформата Х. Извори од Европскиот совет потврдија дека Мишел ја одложил закажаната посета на Црна Гора на 2 и 3 јули „за да обезбеди успешни разговори со клучните соговорници во земјата, кои не треба да бидат во сенка на последните случувања“, објави Радио Слободна Европа.
Портпаролот на Европскиот совет истакна дека е важно Црна Гора да остане на патот кон ЕУ, по значајната меѓувладина конференција на позитивен ИБАР.
Според претходно планираната агенда, Мишел во Подгорица требаше да се сретне со претседателот на државата Јакоб Милатовиќ на 2 јули, а еден ден подоцна и со премиерот Милојко Спајиќ како и со претседателот на Собранието Андрија Мандиќ, вклучително и говор пред членовите на собранието.
Откажувањето на посетата следува откако Собранието на Црна Гора на 28 јуни ја усвои Резолуцијата за геноцид во Јасеновац.
Видете и ова: Црна Гора влезе во нова фаза од преговорите со ЕУРезолуцијата ја поддржаа пратениците од владејачкото мнозинство, Движењето Европа сега на премиерот Милојко Спајиќ, проруската коалициона партија на чело со претседателот на парламентот Андрија Мандиќ и пратеникот Милан Кнежевиќ, кои исто така се иницијатори, како и про- Српската социјалистичка народна партија.