Шефот на истражувачката организација која од 2018 година го бара потеклото на оружјето користено во руските напади на Украина, во Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) изјави дека организацијата „неспорно“ утврдила дека балистичката ракета чии остатоци биле пронајден во Украина оваа година се по потекло од Северна Кореја.
Асошиетед прес (АП) ја објави веста на 29 јуни.
Соединетите Американски Држави (САД) и нивните западни сојузници се судрија во петокот, 28 јуни, со претставниците на Русија и Северна Кореја на состанокот на Советот за безбедност на ОН, бидејќи тие тврдеа дека тие две земји го прекршуваат ембаргото на ОН за извоз на оружје од Северна Кореја.
Русија ги отфрли тие тврдења како „неосновани“, а Северна Кореја ја нарече дискусијата за „наводно нечиј трансфер на оружје“ како „крајно дрска“.
Јона Леф, извршен директор на организацијата Conflict Armament Research, на состанокот на Советот за безбедност презентираше детална анализа на проектилот што го погоди украинскиот град Харков на 2 јануари оваа година.
Тој рече дека организацијата го анализирала моторот на ракетата, опашката и околу 300 компоненти произведени од 26 компании од осум земји и територии и утврдила дека станува збор за ракета КН-23 или КН-24 произведена во 2023 година во Северна Кореја.
Таа ги донела своите заклучоци врз основа на уникатните карактеристики на ракетата, дијаметарот, траекторијата на потисок, анализата каде паднала, корејските букви на делови од ракетата и другите ознаки и делови кои датираат од 2023 година.
Леф рече дека тимовите испитале уште три идентични севернокорејски ракети што ги погодија Киев и Запорожје и оваа година. Тие забележале и конвенционално оружје, вклучително и артилериски ракети произведени во 1977 година, запленети на линијата на фронтот и претходно не биле видени на бојното поле во Украина, произведени од Северна Кореја и веројатно дел од неодамнешната поголема пратка ракети.
Советот за безбедност расправаше за нелегален трансфер на оружје од Северна Кореја на барање на Франција, Јапонија, Јужна Кореја, Велика Британија и САД.
Состанокот следуваше по руското вето на 28 март, со кое заврши мониторингот на тим експерти на ОН за спроведување санкции против Северна Кореја поради нејзината нуклеарна програма. САД и нивните европски и азиски сојузници ја обвинија Москва дека се обидува да го избегне надзорот додека наводно ги прекршила санкциите со купување оружје од Пјонгјанг за војната против Украина.
Американскиот заменик-амбасадор Роберт Вуд рече дека презентацијата на Леф со технички детали е многу убедлива и дека независните наоди на организацијата Леф ги потврдуваат извештаите и анализите од други извори.
„Како постојан член на Советот за безбедност, Русија има одговорност да го поддржи и зајакне меѓународниот мир и безбедност. А сепак Русија лансира балистички ракети илегално добиени од Северна Кореја против украинскиот народ“, рече Вуд.
Рускиот амбасадор Василиј Небензија ги обвини западните иницијатори на состанокот дека се обидуваат да го искористат Советот за безбедност за „антируски и антисевернокорејски тврдења“ и дека шират неосновани обвинувања со цел „да го одвлечат вниманието од сопствените деструктивни дејства кои поттикнуваат ескалација во регионот."
Тој рече дека тврдењата за руската употреба на севернокорејски ракети во Украина се „апсолутно лажни“ и ја доведе во прашање професионалноста и стручноста на оние што ги испитуваат остатоците од ракетите во Украина.