Македонската влада во целост ги отфрла обвинувањата на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за наводно прекршување на Договорот од Преспа, обвинувања искажани на состанокот на Советот на Европската Унија.
Во соопштението од македонската Влада е наведено дека државата продолжува да ги почитува превземените обврски од Договорот од Преспа во сите негови аспекти, вклучувајќи го тука и употребата на името “Македонија”, како и името “Северна Македонија” во соодветни формати и прилики утврдени со Договорот и Уставот на државата.
Во него е посочено дека превземените обврски се двонасочна улица, и треба да се земат предвид и обврските кои ги има соседна Грција а кои не се исполнети.
“Исто така, сакаме да нагласиме дека процесот на европски интеграции продолжува да биде наш важен приоритет. Ние сме уверени дека нашиот напредок и придонес кон регионалната стабилност и безбедност, како и нашата посветеност на реформите, ќе бидат правилно оценети и вреднувани од страна на Европската унија.“се вели во реакцијата на Владата.
Видете и ова:
Грчко МНР: Северна Македонија продолжува да го прекршува Преспанскиот договорОваа реакција доаѓа по соопштението од грчкото министерство за надворешни работи во кое се наведува дека македонската влада се враќа на минатите постапки кои укажуваат на иредентизам и целосно непознавање на историјата.
Покрај Мицотакис и бугарскиот вршител на должноста премиер Димитар Главчев на Самитот на ЕУ во Брисел го отворил прашањето за почитувањето на преземените обврски од страна на Северна Македонија на патот кон ЕУ.
Главчев, во Брисел, ја отворил темата во врска со случувањата во државава во последните недели. Тој, како што пренесува БТА, укажал на „сериозните предизвици што се појавуваат во однос на европската перспектива на земјата кандидат за членство во ЕУ“.
Со Договорот од Преспа од 2018 година уставното име на државата се смени од Република Македонија во Република Северна Македонија. Со тој договор се отвори патот за членството во НАТО.