Монако на „сивата листа“ поради недостатоци во спротивставувањето на перењето пари

Принцот на Кнежеството Монако Алберт II, архивска фотографија

Монако влегува во „сивата листа “ на земји кои подлежат на зголемен мониторинг, соопшти на 28 јуни глобалното набљудувачко тело за спречување перење пари, Работната група за финансиска акција (ФАТФ).

Акцијата доаѓа и покрај тоа што Монако веќе презеде низа активности откако беше издвоен од телото за спречување на перење пари на Советот на Европа по серијата непроверени тврдења против личности блиски до принцот Алберт Втори.

ФАТФ, организација со седиште во Париз која ги следи напорите на повеќе од 200 земји и јурисдикции за спречување на перење пари и финансирање тероризам, ги додаде Монако и Венецуела на својата „сива листа“ на пленарна средба одржана во Сингапур.

Се смета дека земјите од сивата листа имаат „стратешки недостатоци“ во спротивставувањето на перењето пари и финансирањето на тероризмот, а сепак соработуваат со ФАТФ за да ги поправат проблемите.

Долго време познат како игралиште за богатите и славните, Монако привлекува жители поради исклучително поволниот даночен режим кој вклучува отсуство на даноци на приход и богатство.

„И покрај значителниот напредок постигнат од 2022 година, Монако треба да ги реши стратешките недостатоци“, рече претседателот на ФАТФ, Раџа Кумар.

Видете и ова:

Британија го екстрадираше црногорскиот бизнисмен Кнежевиќ

Владата на Монако соопшти дека е посветена да излезе од „сивата листа“.

„Кнежеството ја потврдува својата решеност да ги спроведе најновите препораки на ФАТФ наведени во декларацијата, во согласност со планираните рокови“, соопшти владата на медитеранскиот даночен рај.

ФАТФ откри дека Монако не направил доволно напори да го запре перењето пари од измами извршени во странство или се движел доволно агресивно за да заплени криминални средства.

Исто така, оцени дека казните за перење пари се недоволни, а истражителите немаат доволно ресурси.

Во јануари 2023 година, телото за спречување на перење пари на Советот на Европа, „Moneyval“, го повика Монако да ги интензивира своите напори во истрагата и гонењето на перење пари.

Оттогаш усвои девет закони за да ги заостри своите правила и да го зајакне своето тело против перење пари. Локалните извори рекоа дека е тешко веднаш да се применат мерките поради недостаток на квалификуван персонал, јавува новинската агенција Франс прес.

ФАТФ во петокот, исто така, ги отстрани Јамајка и Турција од сивата листа, откако ги отстранија идентификуваните недостатоци во нивните напори да спречат перење пари и финансирање тероризам.

„Благодарение на добрите мерки што ги усвоивме, Турција е отстранета од сивата листа“, соопшти Министерството за економија по одлуката.

ФАТФ ја стави Турција на листата во октомври 2021 година.

Вкупно 21 држави се наоѓаат на сивата листа, вклучувајќи ги Мали, Виетнам и Јемен.

ФАТФ има и „црна листа“ на нации кои се сметаат за јурисдикции со висок ризик.