Борел пред средбата на Вучиќ и Курти: Договореното мора да се спроведе

Борел и Курти, 26 јуни 2024 г.

Српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти денеска (26 јуни) во Брисел ќе се сретнат за прв пат оваа година во рамки на дијалогот за нормализација на односите помеѓу Белград и Приштина.

Домаќинот на средбата, шефот на европската дипломатија Жозеп Борел, изрази надеж дека лидерите ќе се договорат за чекорите кон имплементација на Договорот за патот кон нормализација што Курти и Вучиќ го постигнаа минатата година во Брисел и Охрид.

Пред почетокот на средбата Борел рече дека дијалогот донел многу значајни достигнувања кои, како што истакна, често се занемаруваат.

Според него, договорот за патот кон нормализација на односите е значаен успех бидејќи е постигнат „во време на невидена целосна војна на европскиот континент“.

„За жал, спроведувањето на овој договор допрва треба да започне. И се надевам дека денес дефинитивно ќе разговараме за тоа како конечно да продолжиме напред врз основа на овој договор. Ќе разговараме за следните чекори“, рече Борел.

Видете и ова: Во Брисел средба Вучиќ-Курти

Тој нагласи дека „договореното мора да се спроведе“.

„Договорите се основата на акцијата, таа мора да ги следи договорите. Спроведувањето е клучниот збор и денеска ќе работиме на конкретни следни чекори за имплементација на договорот“, рече Борел.

Осврнувајќи се на завршувањето на неговиот мандат, кој истекува во ноември, Борел ги предупреди двете страни дека без разлика на новите имиња кои ќе го преземат досието на Белград и Приштина, старите обврски остануваат да важат и за Косово и за Србија.

„За неколку месеци на нашите работни места ќе има различни луѓе, различни имиња. Сепак, договорите, заклучоците на Советот на ЕУ и очекувањата на Европската унија нема да се променат. Земјите членки нема да се променат. Обврските на Косово и Србија нема да исчезнат. Сите ќе продолжат да гледаат на капацитетот и волјата на претседателот на Србија и на премиерот на Косово да обезбедат подобра европска иднина за својот народ“, нагласи тој.

Како што рече, нормализацијата на односите меѓу Косово и Србија е во срцето на ангажманот на ЕУ во Западен Балкан.

„Напредокот во нормализацијата на нивните односи е тесно поврзан и со пристапниот пат“, рече шефот на дипломатијата на ЕУ.

Средбата на Вучиќ и Курти се одржува во момент кога истекува мандатот на европските претставници кои речиси пет години се ангажирани во процесот на нормализирање на односите.

Жозеп Борел ќе ја извршува функцијата шеф на европската дипломатија до есен. Оваа недела ќе се знае кој ќе го наследи. Мирослав Лајчак, пак, е назначен за амбасадор на Европската Унија во Швајцарија, но ќе дејствува како посредник во дијалогот додека не се најде негова замена.

Најверојатно ова ќе биде и последната средба од дијалогот меѓу Белград и Приштина чиј домаќин е Борел.

Видете и ова: Вучевиќ: Србија е подготвена за компромиси во однос на Косово

Вучиќ и Курти последен пат се сретнаа на 14 септември минатата година. Потоа се разговараше за имплементацијата на планот за договор што лидерите го постигнаа претходно во 2023 година во Брисел и Охрид.

Таа средба беше неуспешна, а заврши со тоа што косовскиот премиер отворено го обвини европскиот посредник Лајчак дека „не е неутрален“.

Договорите што беа постигнати на 27 февруари 2023 година во Брисел и анексот за спроведување што беше договорен на 18 март 2023 година во Охрид, немаат лидерски потпис бидејќи претседателот на Србија редовно го одбиваше.

Ниту една страна не постигна напредок кон спроведување на кој било елемент од овие договори. На крајот на октомври, имаше уште еден неуспешен обид за зближување на страните, каде беа вклучени и клучните лидери од европските земји: германскиот канцелар Олаф Шолц, францускиот претседател Емануел Макрон и италијанската премиерка Џорџа Мелони.

Курти и Вучиќ имаа одвоени средби со европските лидери, но договор не беше можен. Курти инсистираше на потпишување на пакет-договорот, а Вучиќ продолжи да го одбива.