Израелски суд: Ултраортодоксните Евреи мора да служат војска

Ултраортодоксните Евреи протестираат против обидите за промена на владината политика со која се ослободуваат од воена служба, Ерусалим на 26 февруари 2024

Врховниот суд на Израел во вторник (25 јуни) едногласно одлучи дека армијата мора да започне со регрутирање на ултраортодоксни Евреи во воена служба.

Одлуката може да доведе до колапс на владејачката коалиција на премиерот Бенјамин Нетанјаху, додека војната во Појасот Газа продолжува, пишува АП.

Судот пресуди дека бидејќи не постои закон што прави разлика помеѓу еврејските семинарии и другите регрути, израелскиот систем на задолжителна воена служба важи за ултраортодоксните Евреи како и за сите други граѓани.

Според долгогодишните договори, ултраортодоксните мажи беа ослободени од регрутирање, што е задолжително за повеќето мажи и жени Евреи.

Видете и ова: Ултраортодоксните Евреи протестираа против одење во војска

Овие исклучоци долго време беа извор на незадоволство кај секуларната јавност, а јазот се зголеми за време на осуммесечната војна, бидејќи војската влече десетици илјади војници и вели дека и треба сета работна сила што може да ја добие.

Од почетокот на војната загинале повеќе од 600 војници.

Политички моќните ултраортодоксни партии се клучни партнери во владејачката коалиција на Нетанјаху и се против секоја промена на сегашниот систем, објави АП.

Доколку се укинат ваквите исклучоци за ултраортодоксните Евреи, тоа може да доведе до колапс на коалицијата, пад на владата и распишување нови избори.