Палестински фудбалер и неговото семејство загинаа во Газа

Газа, 23 јуни 2024 г.

Палестинскиот фудбалер Ахмад Абу ал Ата и неговото семејство загинале во нивниот дом во Појасот Газа како резултат на израелски воздушен напад, соопшти Палестинскиот фудбалски сојуз (ПФА).

Заедно со Абу ал-Ата (34), кој играше како дефанзивец за Ал-Ахли во Појасот Газа, беа убиени и неговата сопруга Руба Есмаел Абу ал-Ата, која била здравствен работник, и нивните две деца, соопшти ПФА во саботата.

Локалните медиуми објавија дека нападот се случил во петокот, но од ПФА не соопштија за кој датум станува збор.

Видете и ова: Израел продолжи со нападите врз Газа

Минатиот понеделник ПФА објави дека фудбалскиот судија Хани Мешмех им подлегнал на повредите здобиени во израелски ракетен напад во Појасот Газа во мај.

Повеќе од 300 спортисти, судии и спортски претставници се убиени од почетокот на конфликтот во Газа во октомври минатата година, а сите спортски објекти на оваа територија се уништени, изјави во текот на месецот претседателот на Палестинскиот олимписки комитет, Џибрил Раџуб.

Меѓу жртвите беа фудбалерот Мохамед Баракат, кој беше убиен во израелски напад во март и Мохамед Хатаб, помошник судија на ФИФА, кој загина заедно со сопругата и четирите деца во напад на израелските сили врз населбата Деир Ал Балах во февруари.

Во мај, ФИФА нареди итна истрага за предлогот на ПФА, поддржан од Азиската фудбалска конфедерација, а кој се однесува на исклучување на Израел од сите клупски и национални натпреварувања поради војната во Газа. Според најавите, ФИФА на ова прашање ќе се осврне на вонреден состанок во јули.

Видете и ова: Пропалестински демонстранти го прекинаа конгресот на ФИФА

Досега, во израелската офанзива врз Газа убиени се најмалку 37.958 Палестинци, а 86.032 се повредени, соопшти во денеска (23 јуни) Министерството за здравство под контрола на Хамас, кој е прогласен за терористичка организација од САД и ЕУ.

Израелската офанзива започна по нападот на Хамас на 7 октомври на југот на Израел. Во него, според податоците на Израел беа убиени повеќе од 1.200 луѓе, а околу 250 беа земени како заложници.