Шумски пожар на грчкиот туристички остров Идра, во близина на Атина, бил предизвикан од огномет испукан од јахта, објавија пожарникарите на 22 јуни.
Пожарот кој избувна ден претходно е ставен под контрола, соопштија надлежните.
Пожарот „е предизвикан од огномет лансиран од чамец и ја запали единствената борова шума на островот на локација до која е тешко пристапна и нема пат“, објави сезонскиот тим за противпожарна заштита на островот на мрежата Фејсбук.
Градоначалникот на островот, Јоргос Кукудакис, изјави за јавната телевизија ЕРТ дека е „навреден што одредени луѓе подметнуваат пожари на таков неодговорен начин“.
Оваа вест предизвика негодување и на социјалните мрежи.
Видете и ова:
ЕК ќе набави 12 авиони за гаснење пожариГрција неодамна ги заостри казните за предизвикување пожари, а на сторителите сега им се заканува затворска казна до 20 години и парична казна до 200.000 евра.
Земјата се подготвува за особено тешко лето бидејќи властите предупредија дека силните ветрови и натпросечните температури значат дека постои „многу висок ризик“ од шумски пожари.
Медитеранската земја минатата недела го доживеа првиот топлотен бран со температури кои на некои локации достигнаа и над 44 степени Целзиусови.
Грчките пожарникари во петокот се бореа со шумските пожари поттикнати од тридневните силни ветрови во кои загина најмалку едно лице.
Минатата година, жестокиот двонеделен топлотен бран беше проследен со разорни пожари во кои загинаа 20 луѓе.
Научниците предупредуваат дека емисиите на фосилни горива предизвикани од човекот ја влошуваат должината и интензитетот на топлотните бранови ширум светот.
Зголемените температури доведуваат до подолга сезона на шумски пожари и зголемување на површините изгорени од пожари, покажуваат податоците на Меѓувладиниот панел на Обединетите нации за климатски промени.