Затвор за индиски милијардер поради експлоатација на работници во Швајцарија

Илустрација

Индискиот милијардер по име Пракаш Хиндуџа и тројца членови од неговото семејство беа осудени на затворски казни во Швајцарија на 21 јуни за експлоатација на индиски работници во нивната вила во таа земја со одземање на нивните пасоши, забрана за излегување надвор и принудувајќи ги да работат до 18 часа на ден.

Пракаш Хиндуџа (79), неговата сопруга Камал (75), синот Ајај и сопругата на неговиот син Намрата се осудени на затвор од четири до четири и пол години. Петтообвинетиот, семејниот менаџер Наџиб Зијази, е осуден на 18 месеци затвор.

Судот одлучи дека четворицата се виновни за експлоатацијата и незаконското вработување на работниците, речиси целосното одбивање на здравственото осигурување на работниците и исплата на плати кои не достигнуваат ни десетина од платата што се исплаќа во Швајцарија за таквите работни места.

Според обвинителите, работниците опишале „атмосфера на страв“ која Камал Хиндуџа ја заведувал. Тие биле принудени да работат со многу малку или без време за одмор, а во моментот на прием работеле до доцна во ноќта. Тие спиеле во подрумот на вилата, лоцирана покрај езерото, и тоа не на кревети, туку на душеци на подот.

Швајцарскиот суд не ги прогласи обвинетите за одговорни за некои од посериозните точки од обвинението, како што е шверц на луѓе, бидејќи, како што беше речено во судот, работниците знаеле во што се навлегуваат - барем делумно.

Тоа се главно неписмени Индијци кои не биле платени во швајцарски франци, туку во индиски рупии, а овие средства им биле исплаќани во банките во Индија до кои немале пристап.

Адвокатите на осудените тврдат дека ќе се жалат и дека казната е преголема, но велат дека за нив е олеснителна околност кога ја добиле веста дека судот нема да го осуди Камал Хиндуџа за шверц на луѓе.

Според нив, осудените биле во „многу лоша здравствена состојба“ и биле стари лица, па не присуствувале на судењето.

Магазинот Форбс го проценува имотот на семејството Хиндуџа на околу 20 милијарди долари.

Семејството има живеалиште во Швајцарија од осумдесеттите години на минатиот век.

Пракаш Хиндуџа, кој доби швајцарски пасош во 2000 година, веќе беше осуден во 2007 година со слично обвинение. Против него се води посебна даночна постапка.