Русија ќе му помогне на Виетнам да изгради нуклеарен центар

Рускиот претседател Владимир Путин и виетнамскиот претседател То Лам се ракуваат во Претседателската палата во Ханој, Виетнам на 20 јуни 2024 година.

Рускиот претседател Владимир Путин на 20 јуни потпиша серија договори со неговиот виетнамски колега То Лам.

Меѓу другото, тие потпишаа договори за натамошна соработка во областа на образованието, науката и технологијата, истражувањето на нафтата и гасот и здравството. Тие се договорија и да работат на план за нуклеарен научно-технолошки центар во Виетнам, пишува АП.

По разговорите, Путин рече дека двете земји имаат заеднички интерес за „развивање на сигурна безбедносна архитектура“ во азиско-пацифичкиот регион заснована на неупотреба на сила и мирно решавање на споровите без простор за „затворени воено-политички блокови“.

Истото го повтори и новиот виетнамски претседател То Лам, кој рече дека тие се стремат да продолжат „понатамошна соработка во одбраната и безбедноста за да се справат со нетрадиционалните безбедносни предизвици“ додека продолжуваат енергетски проекти и ги прошируваат инвестициите.

Видете и ова: Путин во Виетнам повика на зајакнување на „стратешкото партнерство“

Тој, исто така, му честиташе на Путин за неговиот реизбор и ја пофали „домашната политичка стабилност“ на Русија.

„Договорите меѓу Русија и Виетнам не беа толку значајни како договорот што Путин го потпиша со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун еден ден претходно, ветувајќи взаемна помош во случај на инвазија“, рече Најџел Гулд-Дејвис, виш соработник за Русија и Евроазија на Меѓународниот институт за стратешки студии во Лондон и поранешен британски амбасадор во Белорусија за агенцијата АП.

Москва се обидува да ги зајакне врските во Азија за да ја неутрализира растечката меѓународна изолација поради воената акција во Украина.