Канада ја прогласи Иранската револуционерна гарда за терористичка организација

Канадскиот премиер Џастин Трудо на комеморација во спомен на жртвите од соборениот украински авион во Иран во 2020 година.

Канада ја прогласи иранската револуционерна гарда (ИРГЦ) за терористичка организација и ги советуваше сите Канаѓани кои се во Иран да ја напуштат земјата.

Министерот за јавна безбедност Доминик Лебланк го објави ова на прес-конференција во Отава на 19 јуни, велејќи дека одлуката за прогласување на ИРГЦ за терористичка организација се заснова на „многу силни и убедливи докази“.

Лебланк рече дека Канада „ги користи сите можни средства за борба против терористичките акти на ИРГЦ“.

Видете и ова: Иран ја прекори Г7 за изјавата за ескалација на нуклеарната програма

Министерката за надворешни работи Мелани Џоли на истата прес-конференција истакна дека Отава ги прекинала дипломатските односи со Техеран пред неколку години. Таа ги повика Канаѓаните да не патуваат во Иран и рече дека оние во Иран сега треба да се вратат дома.

Иранските иселеници и роднините на загинатите на летот што иранските сили го соборија во јануари 2020 година, набргу по полетувањето од Техеран, при што загинаа сите 176 патници и членови на екипажот од кои половина Канаѓани, долго време бараат ИРГЦ да биде прогласена за терористичка група.

Здружението на семејствата на украинскиот лет PS752 во соопштението од 19 јуни наведе дека ѝ се заблагодарува на владата за назначувањето и „на сите политички партии, активисти и поединци кои придонеле за ова достигнување“.