Захараова: Имотот на западните земји во Русија може да се искористи за одмазда

Марија Захарова, портпаролка на руското МНР

Русија на нејзина територија располага со „значајни количини“ имот што им припаѓа на западните земји, а кој Москва би можела да го искористи за одмазда доколку Западот ги заплени приходите од рускиот имот, изјави на 19 јуни портпаролката на Министерството за надворешни работи, Марија Захарова.

Ваквата изјава доаѓа откако на минатонеделниот самит во Италија, лидерите на земјите од групата Г7 се согласила да ги искористат каматите од замрзнатиот руски имот на Западот за да и обезбедат заем на Украина од 50 милијарди долари.

Руските власти сметаат дека тоа би било нелегално.

„Нашата земја располага со значителни износи на западни фондови и имот кои се под руска јурисдикција. Сето ова може да биде предмет на руска одмаздничка политика“, изјави Захарова, пренесе новинската агенција Роџерс.

Видете и ова: Лидерите на Г7 договорија заем за Украина од замрзнатите руски средства

Економистите, адвокатите и експертите сметаат дека во ваков случај Русија веројатно би ги запленила финансиските средства и хартиите од вредност на странските инвеститори кои моментално се чуваат на посебни сметки, а до кои пристап е блокиран од почетокот на војната против Украина во февруари 2022 година.

Руски средства во вредност од околу 260 милијарди евра, како што се резервите на Централната банка, се замрзнати како дел од санкциите воведени кон Русија.

Претставници на Европската унија за Ројтерс минатата недела изјавија дека блокот може да обезбеди околу половина од заемот од 50 милијарди долари за Украина.

Сепак, италијанската премиерка Џорџија Мелони – која беше домаќинка на самитот на Г7 – подоцна објави дека парите ќе ги обезбедат САД, Канада, Велика Британија, а можеби и Јапонија, и дека земјите-членки на ЕУ засега нема да бидат директно вклучени.

Видете и ова: НАТО презема поголема улога во координацијата на воената помош за Киев

Захарова изјави дека Русија добила „директни сигнали“ од некои земји од Г7 дека нема да учествуваат во таква акција „бидејќи сфаќаат дека трошоците ќе бидат крајно болни“.

Таа не ги именуваше земјите, ниту пак даде дополнителни детали за да го поткрепи тоа тврдење.

Г7 е името на советодавниот форум на седумте најважни индустриски земји во светот, составен од лидерите на САД, Канада, Јапонија, Германија, Италија, Франција и Велика Британија.