Собранието одржа комеморативна седница за Стојан Андов

Стојан Андов во три наврати беше избран за претседател на Собранието.

Во Собранието на Северна Македонија денеска (19 јуни) се одржа комеморативна седница со која му беше оддадена почит на првиот собраниски претседател Стојан Андов, кој почина вчера на 89-годишна возраст.

На седницата присуствуваа пратеници, поранешни високи функционери, претставници на верските заедници.

Седницата започна со едноминутно молчење, а за животот и делото на Андов, зборуваше претседателката Гордана Сиљановска Давкова.

Андов, како што рече таа, беше „стамен столпник на нашата современост кој даде сериозен придонес во политичкиот, државниот и општествениот развој во последните три децении“.

Претседателката нагласи дека Андов, заедно со Глигоров, Петар Гошев, Абдурмахман Алити и други, е меѓу оние на кои „им го должиме мирното раздружување од Југославија“.

„Замина угледен сојузен функционер во поранешната заедничка држава, дипломат кому му се доверуваа најсуштествените задолженија на меѓународен план, кој што беше член на сојузните влади во два мандати, кој што го прекстари светот како задолжен за односи со земјите во развој и со Европската економска заедница“, рече Сиљановска Давкова.

Видете и ова: Почина Стојан Андов, првиот претседател на Собранието на независна Македонија

Стојан Андов беше роден во 1935 година во Кавадарци. Дипломирал на Економскиот факултет во Скопје, а магистрирал на Белградскиот универзитет.

На првите повеќепартиски избори 1990 година, беше избран за пратеник и стана претседател на Собранието во јануари 1991 година. На вторите парламентарни избори во 1994 повторно беше избран за пратеник и за претседател на парламентот – должност што ја извршуваше до март 1996 година.

Андов стана пратеник и на изборите во 1998 година.

Беше кандидат за претседател на Република Македонија на претседателските избори 1999 година. На 30 ноември 2000 година повторно беше избран за претседател на Собранието на Република Македонија, функција што ја извршуваше до октомври 2002.

Основач е на Либералната партија на Македонија и како нејзин претседател ја водеше Либералната партија до спојувањето со поранешната ДП 1997 година, кога стана претседател на Советот на новоформираниот политички субјект. По обновувањето на Либералната партија на Македонија, беше избран за член на нејзиниот Извршен комитет.