Борел препорачува укинување на мерките против Косово

Борел на 18 јуни го доставил предлогот за укинување на мерките до земјите-членки на ЕУ (фотоархива).

Високиот претставник на Европската унија (ЕУ) за заедничка надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел им препорачал на земјите-членки на ЕУ да ги укинат казнените мерки против Косово, дознава Радио Слободна Европа (РСЕ) од извори упатени во содржината на документот.

Истите извори посочуваат дека оваа препорака Борсел ја заснова на фактот дека Косово презело чекори кон исполнување на барањата што ЕУ ги упати преку соопштението на 3 јуни 2023 година.

Предлогот за укинување на мерките, шефот на европската дипломатија го достави до земјите-членки на ЕУ на 18 јуни.

Видете и ова: ЕУ: Во извештајот за можно укинување на мерките за Косово вклучена и „акцијата“ на северот

Амбасадорите на земјите од ЕУ ќе разговараат за овој документ денеска (19 јуни). Изворите на РСЕ нагласуваат дека токму од дискусијата на амбасадорско ниво ќе зависи како ЕУ ќе постапи понатаму.

Не е исклучена можноста укинувањето на мерките да биде на дневен ред на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ, што ќе се одржи во понеделник (24 јуни).

Како што потврдуваат изворите кои имале увид во документот, Борел во извештајот оценува дека укинувањето на мерките ќе претставува политички сигнал и ќе придонесе за избалансиран контекст во кој може да напредува и дијалогот меѓу Белград и Приштина.

Во меѓувреме, од Косово се очекува да не презема акции за ескалирање на ситуацијата и да избегне некоординирани постапки. Борел, наводно, во извештајот нагласува и дека Брисел ќе продолжи да ги следи настаните на северот на Косово, како и акциите што ќе преземат Косово и Србија, а кои не треба да создаваат нови тензии.

ЕУ воведе казнени мерки за Косово во јуни 2023 година, по насилствата што се случија на крајот на мај на северот на земјата кога избраните градоначалници од албанска националност влегоа во општинските згради и стапија на должност.

Тие беа избрани на изборите во април 2023 година, откако Србите ги напуштија косовските институции на крајот на 2022 во знак на незадоволство од одлуката за регистарски таблички на Владата на Косово.

Видете и ова: Курти: Ги исполнивме сите барања на ЕУ за укинување на казнените мерки

Изборите во 2023 година беа бојкотирани од Српската листа и локалното српско население.

Ситуацијата ескалираше на 29 мај во Звечан, по конфликтот меѓу демонстрантите и членовите на Мировната мисија на НАТО во Косово (КФОР).

Претставниците на ЕУ забележуваат дека мерките се донесени од конкретни причини и дека препораката за нивно отстранување треба да се заснова на истите околности.

Мерките што ги усвои ЕУ вклучуваат суспензија на сите средби на европските претставници со претставници од Приштина, прекин на состаноците во рамките на процесот за стабилизација и асоцијација и суспензија на претпристапните фондови.

ЕУ, исто така, одби да ги разгледа косовските проекти во рамките на Инвестицискиот план за Западен Балкан.

Амбасадорите од ЕУ првпат разговараа за можноста за укинување на мерките на состанок одржан на 23 април. Тогаш побараа Борел „што поскоро“ да подготви извештај.

Неколку дипломатски извори на РСЕ во Брисел на крајот на април изјави дека мнозинството земји-членки на ЕУ се за укинување на рестриктивните мерки за Косово. Единствената разлика меѓу земјите-членки била дали треба да се укинат сите одеднаш или постепено.