Жени кои немаат избрано матичен гинеколог, а имаат здравствено осигурување, според годишниот извештај на Фондот за здравствено осигурување е околу 260.000, а бројот на оние без здравствено осигурување и без избран матичен гинеколог, околу 134.000 лица.
Доколку се земе предвид дека во земјава 50,4 отсто од активното попишано население се женски лица, тогаш процентот на жени со здравствено осигурување, а без избран матичен гинеколог, изнесува околу 28 проценти.
Професор доктор Глигор Тофоски, претседател на Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари (МАГО) во изјава за МИА потврди дека слични бројки има и во спроведените анкети од Асоцијацијата.
„Само 33 проценти од анкетираните жени во неколку општини од нашата држава, практикуваат редовни гинеколошки прегледи на една година. Повеќе од 30 отсто не го посетиле својот матичен гинеколог подолго од три години, а дури 25 проценти немаат избрано свој матичен гинеколог, делумно заради тоа што во општините каде живеат немаат достапен матичен гинеколог, или истиот заминал во пензија/починал и оттогаш не побарале нов, а делумно и заради стравот, незаинтересираноста и неинформираноста за значењето на редовните гинеколошки прегледи, подвлече тој за МИА.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Шуто Оризари доби гинеколог, но снемува пациентки
Според податоците на ФЗО има недостиг и на гинеколози. Во текот на 2023 година, регистрирани се вкупно 161 гинеколог. Во споредба со претходната година, бројот на гинеколози е зголемен за двајца лекари.
Најголем број гинеколози има во Скопскиот регион - 56 лекари, додека најмал е бројот во Североисточниот регион со 12 гинеколози. Во 2023 година склучени се вкупно 142 договори во примарната здравствена заштита за гинекологија.
Споредувајќи ги со бројот на осигуренички, на секои 10 илјади жени склучени се 1,54 договори со гинеколог. Општината Шуто Оризари со години е најкритична и немаше гинеколог, во моментов работи само еден, а бројот на жени во репродуктивен период е околу 8.000, според достапните податоци.