Српскиот суд донесе одлука за екстрадиција на белорускиот новинар, режисер и опозициски активист Андреј Гњот во Белорусија. Оваа одлука на судот во Белград не е конечна затоа што се уште течат рокови за жалба.
Белоруските власти бараат од Србија да го екстрадира Гњот откако на 30 октомври беше уапсен на аеродромот во Белград по потерница на Интерпол издадена по барање на Минск за наводно затајување данок.
Одлуката на Вишиот суд во Белград, во која се наведува дека се исполнети законските предуслови за екстрадиција, е донесена на 31 мај и во тек е нејзиното доставување до странките во процесот.
На оваа одлука има право на жалба до Апелациониот суд, а адвокатот на Гњот, Филип Софијаниќ за РСЕ изјави дека ќе поднесе жалба. Гњот беше во притвор, а од 5 јуни со одлука на Апелациониот суд е префрлен во куќен притвор.
Гњот ги негираше обвинувањата за затајување данок врз основа на кои белоруските власти го бараат од Србија.
„Оваа кривична пријава е политички мотивирана. Таа е неоснована и лажна. Белорускиот режим го изложува секој што се спротивставува на брутална репресија“, рече Гњот пред судот.
Вишиот суд претходно донесе одлука за екстрадиција, која Апелациониот суд ја укина на почетокот на март.
Случајот потоа е вратен на повторно одлучување поради, како што се наведува, нецелосно утврдената фактичка состојба и значителни повреди на одредбите од кривичната постапка.
Видете и ова:
На аукција продаден станот на опозициската лидерка ЦиханускајаБелоруската опозициска лидерка во егзил Свјетлана Циханускаја на социјалната платформа„Х“ порано позната како Твитер изрази загриженост поради одлуката на српскиот првостепен суд да го екстрадира белорускиот активист Андреј Гњот во Белорусија.
„Андреј е изложен на ризик во Белорусија од кршење на човековите права, лишување од слобода и тортура од политички причини. Апелирам до второстепениот суд и српскиот министер за правда да не го екстрадира Андреј во Белорусија и да му дозволи да ја напушти Србија. Ја повикувам и меѓународната заедница да го поддржи“, е наведено во нејзината објава.