Европската унија (ЕУ) смета дека Србија го крши договорот на патот кон нормализацијата на односите со Косово со тоа што активно се занимава со спречување на членството на Косово во меѓународните организации.
„Договорот за патот кон нормализација е валиден и обврзувачки во целост и за Косово и за Србија. Ова го вклучува членот четири од овој споразум. Српското лобирање против Косово е јасно кршење на Договорот“, изјави портпарол на ЕУ Петер Стано на 13 јуни.
Ова е првпат Брисел јавно да потврди дека Србија во дијалогот го прекршува договорот постигнат со Косово.
Во февруари 2023 година Србија и Косово постигнаа договор за патот кон нормализација на односите. Во март истата година на средба во македонскиот град Охрид беше договорен анекс за имплементација на овој договор.
Во членот четири од договорот стои дека нема да се противи на членството на Косово во ниту една меѓународна организација. Но, ниту еден од договорите не беше потпишан бидејќи српскиот претседател Александар Вучиќ одби да го стори тоа.
Во меѓувреме, Србија активно се ангажираше против аспирациите на Косово да стане членка на меѓународните организации.
Видете и ова:
Хил: Признавањето на Косово не е услов за влез на Србија во ЕУ, туку нормализација
Оваа пролет во Србија беше формирана Работна група за спречување на приемот на Косово во Советот на Европа.
Косово не успеа да стане членка на најстарата европска организација бидејќи не ги исполни условите наведени од важните членки на оваа организација, а кои се однесуваат на процесот на формирање заедница на општини со српско мнозинство, што е обврска на Косово што сè уште не ја исполнува.
Запрашан да потврди дали взаемното признавање е целта на дијалогот за нормализација на односите меѓу Србија и Косово, портпаролот на ЕУ Петер Стано само изјави дека ставот на Брисел за ова прашање не е променет и, како што нагласи, „останува ист како што е е пренесено многупати во минатото.“ и како што е наведено во критериумите за пристапување“.
Сепак, тој додаде дека Србија секако не може да стане членка на ЕУ без нормализирање на односите со Косово.
„Сега Охридскиот договор всушност го предвидува тоа сосема јасно - ако нема напредок во нормализацијата, нема напредок во пристапувањето“, рече овој претставник на ЕУ.
Обврските на Србија кои произлегуваат од договорот во Охрид и формално станаа составен дел од преговарачката рамка во пристапниот процес меѓу Белград и Брисел.
ЕУ инсистира на принципот дека не може да прифати нови членки се додека имаат нерешени билатерални односи.