Соединетите Американски Држави (САД) во саботата ја продолжија испораката на помош за Појасот Газа преку привременото пристаниште кое повторно е ставено во функција откако се урна поради брановите на крајот од минатиот месец, соопшти Централната команда (ЦЕНТОЦОМ).
Во соопштението се наведува дека до граѓаните на Газа се испорачани околу 492 тони неопходна хуманитарна помош.
„До денес, Централната команда помогна во испораката на повеќе од 1.573 тони хуманитарна помош“, објавија оттаму на социјалната мрежа Икс.
Видете и ова: Израелските сили спасија четворица заложници киднапирани од Хамас пред осум месециНа 8 март, американскиот претседател Џо Бајден нареди да се воспостави поморски пат за испорака на храна и друга помош за Палестинците кои се соочуваат со израелски ограничувања и повеќемесечната војна во оваа енклава.
Пристаништето стана функционално на 17 мај.
Почетната цена за негова изградба беше проценета на 320 милиони долари. Сепак, Пентагон во средата објави дека цената е намалена на 230 милиони долари, поради придонесот што го даде и Обединетото Кралство и поради тоа што цената на договорите за камионите и другата опрема е „пониска од очекуваната“.
Доставата на хуманитарна помош преку ова пристаниште е еден од ретките начини на кои бесплатна храна и други резерви стигнуваат до Палестинците за кои Обединетите нации велат дека се на работ на глад поради војната со Израел.