Руската војска „не успеа“ да ја изврши својата офанзива во регионот Харкив, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во видеопорака на социјалните мрежи доцна вечерта на 8 јуни.
По разговорот со воените команданти претходно во текот на денот, Зеленски на платформата Икс, објави дека украинските сили го „ограничуваат“ рускиот напредок во овој регион и ги „уништуваат руските единици кои влегуваат во земјата и го тероризираат регионот Харкив“.
Тој додаде дека ова е „многу важен резултат“.
Видете и ова: Бајден од Париз предупредува дека Путин „нема да застане на Украина“На 10 мај, руските сили започнаа офанзива во Харкив долж руско-украинската граница. Акцијата аналитичарите ја опишаа како обид за формирање „тампон-зона“ за заштита на руската територија.
Борбите се особено интензивни околу градот Вовчанск, за кој украинската војска на 8 јуни соопшти дека „во голема мера“ е под украинска контрола.
На 17 мај, воениот командант на Украина, генерал-полковник Олександар Сирскиј, рече дека Русија ја проширила офанзивата на линија од речиси 70 километри во обид да ја принуди Украина да распореди сили од своите резерви.
Украинската воена разузнавачка служба ХУР на 9 јуни објави дека во напад со дрон претходниот ден на аеродром во руската област Астрахан оштетиле повеќенаменски воен авион „Су-57“, кој е најмодерниот со кој располага Русија и може да напаѓа со крстосувачки ракети Кх-59 иКх-69.
Видете и ова: Украина и Русија со меѓусебни напади со дронови„Оштетувањето на Су-57 е прв ваков случај во историјата“, пишува во соопштението на ХУР, во кое се истакнува дека аеродромот „Ахтубинск“ се наоѓа на речиси 600 километри од линијата на фронтот во Украина.
Руската војска соопшти дека 27 украински беспилотни летала биле пресретнати над окупираниот регион Крим и над руските области Северна Осетија, Краснодар, Астрахан, Белгород, Брјанск, Ростов и Тула.