Бајден од Париз предупредува дека Путин „нема да застане на Украина“

Макрон и Бајден на билатерален состанок во Елисејската палата во Париз, 8 јуни 2024 г.

За време на средбата со францускиот претседател Емануел Макрон во Париз на 8 јуни, американскиот претседател Џо Бајден ја потврди својата „силна“ поддршка за Киев во борбата против руската инвазија и предупреди дека Кремљ нема да застане на Украина доколку успее неговата агресија таму.

Рускиот претседател Владимир „Путин нема да застане на Украина… Цела Европа ќе биде загрозена. Нема да дозволиме тоа да се случи“, рече Бајден, стоејќи покрај Макрон.

„САД стојат цврсто со Украина“, додаде тој.

Видете и ова: Макрон и Бајден во Париз ќе разговараат за Украина

Макрон денеска (8 јуни) е домаќин на Бајден кој е во државна посета на Франција со цел да се нагласи нивното силно партнерство за глобалните безбедносни прашања.

„Ви благодарам, господине претседателе, што сте претседател на светската сила број 1, но тоа го правите со лојалност на партнер кој ги сака и ги почитува Европејците“, му рече Макрон на Бајден пред новинарите.

Бајден во Париз беше пречекан со највисоки почести, а двајцата претседатели положија венци на споменикот во чест на непознатите загинати војници. Тие се сретнаа и со ветераните од Втората светска војна.

Церемонијата за добредојде започна пред Триумфалната капија. Претседателите и првите дами потоа се упатија кон Елисејската палата.

Бајден престојува во Франција од 5 јуни и заедно со Макрон присуствуваше на 80-годишнината од Денот Д која се одбележа на 6 јуни, а ден подоцна во Париз се сретна и со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

На средбата на Бајден со Зеленски, што беше нивна прва откако тој го потпиша законот со кој се одобрува воена помош од 61 милијарда долари за Украина, американскиот претседател најави нов пакет воена опрема во вредност од 225 милиони долари, вклучувајќи ракети, минофрлачи, артилериски куршуми и проектили за противвоздушна одбрана.

Во меѓувреме, Макрон на заедничката прес-конференција со Зеленски на 7 јуни рече дека ја финализира, како што рече, „најголемата можна коалиција“ на воени инструктори за Украина.

Видете и ова: Руската агресија значи дека во Европа повеќе нема мир, рече Зеленски

Макрон рече дека украинските пилоти ќе почнат да добиваат обука во текот на летото за користење борбени авиони „Мираж 2000“ кои се од француско производство, а кои Париз вети дека ќе ги испорача на Киев.

Врховниот командант на Украина минатата недела изјави дека потпишал документи со кои им дозволува на француските воени инструктори наскоро да пристапат до украинските центри за обука. Русија реагираше дека тие ќе бидат „легитимна цел“ за руските вооружени сили.

Изминатиот период Киев ја притиска Европа да ја зголеми воената поддршка, откако Русија почна да ги зајакнува позициите на бојното поле, особено во источниот украински регион Харкив.

Сепак, портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби, на 7-ми јуни изјави оти благодарение на неодамнешната американска помош, Украинците успеале да го „спречат рускиот напредок“, пред се, околу Харкив.

Путин претходно на 7 јуни во Санкт Петербург рече дека Русија е „подготвена за разговори“ со услови, вклучително и земајќи ја предвид „реалноста на денешницата“.

Лидерот на Кремљ, сепак, тврдеше дека Европа е „неодбранлива“ поради недостаток на системи за рано предупредување.

Тој рече дека Русија има „многу повеќе“ тактичко нуклеарно оружје отколку што има на европскиот континент, „дури и ако САД го донесат нивното“.