Матуранти повторно си ги споделувале тестовите по групи на Вибер

Матурантите денеска го полагаат вториот екстерен испит од државната матура (фотоархива).

И за време на вториот екстерен испит во рамки на државната матура, матурантите повторно си ги споделувале тестовите по групи на апликацијата Вибер.

Директорката на Државниот испитен центар (ДИЦ), Билјана Михајловска, во изјава за медиумите рече дека се случило истото како и пред една недела кога се споделуваше тестот по македонски јазик и литература.

„Повторно имаше вибер група во која беше споделен тестот по математика во 9: 53 часот и тестот по англиски во 9:45 часот, на истиот начин како и минатиот пат кога беше споделен тестот по македонски јазик односно празен тест кој ученикот го сликал и бара од другите членови од групите да му помогнат во одговарањето“, изјави директорката, пренесе МИА.

Видете и ова: Матурантите го полагаат вториот испит, повеќето одбрале англиски јазик

Групата каде се споделил тестот по англиски јазик имала околу три илјади членови, а 300-400 имало во таа каде бил пратен тестот по математика.

„И овој пат беше фотографирано веднаш кога се поделени тестовите, неколку минути пред да почне испитот со таа разлика што овој пат бевме малку поостри во однос на дејствувањето. Сите ученици кои фотографиле и кои успеавме да ги лоцираме со име и презиме во вибер групата и кај кои набљудувачите најдоа телефон, беа отстранети од испитот“, истакна Михајловска.

На прашањето како успеале учениците да внесат телефон во просторијата каде се одржувал испитот, Михајловска рече дека еден телефон оставаат, но носат уште еден телефон во џебовите.

Во текот на денешното полагање бил регистриран и еден инцидент во средното училиште „Мирко Милески“ во Кичево – мајка на ученик кој бил отстранет од испитот заради поседување на телефон, вербално ги нападнал набљудувачките од Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието.

Била побарана интервенција и од полицијата. За ова соопштение објавија и од МВР најавувајќи дека ќе поднесат пријава против мајката.

На државната матура денеска (8 јули) англиски јазик полагаа 13 198 матуранти. Математика полагаат 1 356, германски јазик 114, а француски 37. Имаше и 84 кои одлучиле да полагаат естетика, како и по еден за предметите руски јазик и филозофија.

На 1 јуни се помагаше мајчин јазик (македонски, албански или турски) и литература. Откако беше откриено препишувањето преку вибер група со околу седум илјади членови, ДИЦ формираше комисии за да проверат кој средношколец мамел и препишувал. За оние за кои ќе се утврди дека препишувале, ќе паднат на испитот.

Видете и ова: Државната матура под лупа

Исто така, од ДИЦ предложија до МОН и идната Владата, за следната година да се обезбедат блокатори на сигналите за мобилните телефони.

Резултатите од матурата треба да се објават најдоцна до 8 јули. Оние што нема да положат, ќе имаат шанса за поправен на 12 и 14 август.

За да има поголема контрола при полагањето, оваа учебна година матурантите тестовите ги решаваат во големи простори – училишните холови или спортски сали.