Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека неговата земја ќе ги заостри сопствените правила за депортирање, откако серијата напади предизвикаа повици за поцврста позиција кон актуелната миграциска политика, и притоа тој додаде дека величењето на тероризмот во иднина ќе биде доволна причина за враќање на лицата во земјата од која дошле, пренесоа британските медиуми.
„Секој што го величи тероризмот е против сите наши вредности и треба да биде депортиран“, рече Шолц во својот говор во Долниот дом на германскиот Парламент (Бундестагот), додавајќи дека Министерството за внатрешни работи ги засилило напорите да ги врати криминалците и опасните мигранти во Авганистан.
Видете и ова:
Германија најави гранични контроли за време на Европското фудбалско првенство„Таквите криминалци треба да бидат депортирани - дури и ако доаѓаат од Сирија и Авганистан. Меѓу нас нема место за извршители на тешки злосторства и терористички закани“, додаде канцеларот, цитиран од ДПА.
Шолц коментарот го даде по неодамнешниот напад со нож во југозападниот град Манхајм, во кој авганистански државјанин избоде неколку луѓе на антиисламски митинг. За време на нападот беше повреден и полицаец, кој подоцна почина.