Владата на Србија е решена да го задржи и зајакне стратешкиот курс кон членството на Србија во Европската унија (ЕУ), соопштија од официјален Белград.
По средбата на советничката на премиерот на Србија Јадранка Јоксимовиќ со претставникот на Словачка во Европскиот парламент Владимир Билчик, најавено е дека Белград ќе го интензивира реформскиот процес и дека очекува ЕУ да ја освежи политиката на проширување.
„Соговорниците се согласија дека по изборите за Европскиот парламент ќе биде важно да се формира Европска комисија која ќе ја разбере важноста на политиката за проширување и заокружување на проектот за мир и стабилност на европскиот континент“, соопшти Владата.
Министерот за надворешни работи на Србија, Марко Ѓуриќ, порача дека Србија, заедно со европскиот пат, треба да продолжи да ја зајакнува соработката со земјите од целиот свет.
„Ќе изградиме нови пријателства, но нема да заборавиме на старите и традиционални партнерства“, рече Ѓуриќ на 3 јуни во Белград на конференцијата за меѓународни односи.
Тој најави дека Србија ќе продолжи да ги подобрува односите со најважните актери на меѓународната политика како што се Европската унија, Соединетите Американски Држави, Кина и Русија.
Дополнително, додаде Ѓуриќ, Србија ќе продолжи да го подига нивото на односите со пријателските земји во Африка, Азија и Јужна Америка.