Сојузот на индискиот премиер води на изборите

Поддржувачите на индискиот премиер Нарендра Моди носат маски со неговото лице додека присуствуваат на предизборен митинг во Мерут, Индија, на 31 март 2024

Сојузот предводен од партијата Бхаратија Џаната (БЈП) на индискиот премиер Нарендра Моди се очекува да има мнозинство во долниот дом на парламентот, објавија телевизиските канали во Индија, повикувајќи се на прелиминарните изборни резултати.

Според нив, сојузот на Моди води со повеќе од 300 мандати во Домот од 543 места, додека опозициските партии имаат близу 200.

Парламентарните избори во Индија (најголемите во светот) се одржаа во седум фази во изминатите шест недели. Речиси една милијарда луѓе се регистрирани за гласање.

Првите гласови што беа преброени беа оние по пошта, главно од војници кои служат надвор од нивните изборни единици или службеници на изборна должност.

Годинава граѓаните над 85 години и лицата со попреченост може да гласаат по пошта.

Доколку биде потврдено, Моди ќе обезбеди трет последователен мандат како премиер.

Она што ги карактеризираше изборите во Индија оваа година беше екстремниот топлотен бран, кој предизвика смрт на десетици луѓе, меѓу кои и изборни службеници.

Видете и ова: Жештините во Индија убиле повеќе од 50 луѓе за три дена

Шестнеделните парламентарни избори во Индија, кои се гледаат како референдум за деценијата на власт на хинду националистичкиот премиер Нарендра Моди, завршија во саботата додека Индијците гласаа во последната фаза од процесот.

Изборите се сметаат за едни од најважните во историјата на Индија. Доколку Моди победи, тој ќе биде само вториот индиски лидер кој ја задржал власта по трет мандат по Џавахарлал Нехру, првиот премиер на земјата.

Откако дојде на власт во 2014 година, Моди уживаше огромна популарност. Неговите поддржувачи го гледаат како независен, силен лидер кој го подобрил угледот на Индија во светот и има заслуга за неговите политики што ја направиле индиската економија петта по големина во светот.

Видете и ова: Во Индија заврши последната фаза од повеќенеделните парламентарни избори

Во исто време, за време на неговото владеење се забележани напади и говор на омраза против малцинствата, особено муслиманите. Индиската демократија, велат неговите критичари, пропаѓа, а Моди се повеќе ја замаглува границата меѓу религијата и државата.

Анкетите покажаа дека гласачите се повеќе се загрижени за невработеноста, зголемувањето на цените на храната и чувството дека само мал дел од Индијците имаат корист и покрај брзиот економски раст под Моди, што ги прави изборите понеизвесни од очекуваното.