Владата на Словенија го одложи признавањето на Палестина

Палестинското знаме до знамето на Словенија и на Европската Унија, на зградата на владата во Љубљана, Словенија, на 30 мај 2024

Плановите на Владата на Словенија да ја признае државата Палестина на 4 јуни се одложени со предлогот за референдум поднесен од опозициската Словенечка демократска партија (СДС).

Како што пренесуваат словенечките медиуми, Јанез Јанша, лидерот на СДС изјавил дека владината одлука за признавање на Палестина веќе и нанела долгорочна штета на Словенија „бидејќи ја поддржува терористичката организација Хамас“, пренесува Анадолија.

Според словенечкото право, само Државното собрание (Народното собрание) има овластување да ја признае независноста на државите, а последниот потег значи дека признавањето ќе се одложи за најмалку еден месец бидејќи деловникот предвидува дека претставниците не можат да разгледаат предлог референдум 30 дена по неговото поднесување.

Се проценува дека предлогот на СДС најверојатно нема да има поддршка со оглед на силната мнозинска коалиција во Собранието.

Официјални претставници на коалицијата го опишуваат потегот како неискрен.

„Ако некој има искрена намера да се залага за мир, тогаш мора да се залага и за решение со две држави“, рече министерката за надворешни работи Тања Фајон, додавајќи:

„Кога гледаме повеќе од 36 000 убиени луѓе во Газа, кога гледаме крвопролевање и беснее глад, не можам да разберам како словенечкото општество може да прифати да одолговлекуваме.

Видете и ова: Владата на Словенија предлага признавање на палестинска држава

Владата на Словенија на седницата на 30 мај донесе одлука да му предложи на Државното собрание признавање на Палестина како суверена и независна држава, по што симболично беше истакнато палестинското знаме.

Премиерот Роберт Голоб изјави дека одлучиле да ја признаат Палестина како независна и суверена држава во границите предвидени со Резолуцијата на Обединетите Нации од 1967 година или во границите за кои инволвираните страни би се договориле во идниот мировен договор.

„Оваа одлука има една порака. Порака до двете страни дека сакаме итен прекин на непријателствата и дека сакаме итно ослободување на заложниците. Ова признание не е насочено против никого, дури ни против Израел. Ова е порака за мир. Сметаме дека денес е моментот кога сите ние, целиот свет, мораме да дејствуваме само во една насока, во насока која носи траен мир на Блискиот Исток, во насока на решение со две држави“, рече Голоб.

Владата на Словенија на 9 мај покрена постапка за признавање на државата Палестина. Потоа најави дека одлуката ќе ја испрати до Народното собрание најдоцна до 13 јуни. На 28 мај Шпанија, Ирска и Норвешка официјално ја признаа палестинската држава.