Поранешниот министер за здравство Венки Филипче, поранешната министерка за одбрана Славјанка Петровска и досегашниот директор на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони Јован Деспотовски јавно потврдија дека ќе се кандидираат на внатрепартиските избори во опозициската СДСМ за претседател на партијата.
Внатрепартиските избори следуваат по поразот што партијата го претрпе на парламентарните избори, на кои освои 18 пратенички мандати. Филипче беше носител во четвртата изборна единица, каде партијата освои пет мандати. Петровска стана пратеник откако во шестата изборна единици како носител на листа освои мандат. Нивниот против кандидат Деспотовски не беше дел од пратеничките листи.
Видете и ова: СДСМ започна постапка за избор на нов претседателВо СДСМ на 31 мај почна постапката за вонредни внатрепартиски избори за нов партиски претседател. Според Статутот на партијата, рокот за пријавување кандидатура за лидер на партијата е до 6 јуни.
„За кандидат за претседател на СДСМ може да се кандидира лице со најмалку 5 години членство во СДСМ кој најмалку еднаш бил избран од страна на Конгресот на СДСМ за член на некој од органите на партијата“, е наведено во соопштение од СДСМ.
Вонредните внатрепартиски избори ќе се одржат на 30 јуни. Претстојните ќе бидат трети внатрепартиски избори на кои претседателот на СДСМ ќе се бира со непосредно гласање на членството. По нивното воведување, првите се одржаа во март 2021 кога Зоран Заев доби нов мандат. Меѓутоа, за помалку од една година следуваа и вторите на кои победи Димитар Ковачевски откако Заев поднесе оставка по поразот на локалните избори во октомври во 2021 година. Ковачевски си поднесе оставка по поразот претрпен на парламентарните избори на 8 мај годинава.