МНР: Патување во Израел само со одобрение од ЕТА

Архивска фотографија, МНР

Македонските државјани кои планираат патување во Израел од 1-ви август годинава задолжително ќе треба да пополнат формулар преку Системот за електронска авторизација (Electronic Authorization System – ETA), соопшти македонското министерство за надворешни работи.

„Системот ќе биде отворен за аплицирање, почнувајќи од 1 јули и нема да биде овозможен влез во Израел од 1 август, без претходно одобрение од ЕТА“, е наведено во соопштението од МНР.

Видете и ова: МНР формира кризен штаб за извлекување македонски граѓани од Блискиот исток


На патниците без пополнета апликација и добиена авторизација нема да им биде дозволено качување на авиони кои летаат за Израел. Апликацијата ќе чини 25 израелски шекели односно околу 6 евра, а авторизацијата ќе има важност меѓу 90 дена и 2 години.

„Ваквата авторизација не подразбира дека се овозможува престој во Израел подолго од 90 дена“, велат од МНР.

Израел на 2 јуни продолжи со борбите и бомбардирањето на Хамас во Појасот Газа, додека посредниците ги повикаа двете страни да се согласат на договорот за прекин на огнот и ослободување на заложниците .

Откако американскиот претседател Џо Бајден го претстави планот за примирје во петокот на 31 мај, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху инсистираше на тоа дека Израел ќе ја продолжи војната што беснее од 7 октомври додека не го уништи Хамас - којшто САД и ЕУ го сметаат за терористичка организација, и не ги ослободи затворениците.

Војната во Газа беше предизвикана од нападот на Хамас врз јужниот дел на Израел на 7 октомври, кога, според израелските податоци, беа убиени околу 1.200 луѓе, а дека околу 250 биле киднапирани. Во последната израелска офанзива, според тоа, убиени се најмалку 36.200 луѓе, наведуваат здравствените власти во Газа под контрола на Хамас.