Пожарникар загина во поплавите во Германија, пробиени се две брани

Пожарникари работат на спасување од поплави во градот Рајхертхофен во баварскиот округ Пфафенхофен ан дер Илм. 2 јуни 2024 година.

Еден пожарникар загина во поплавите во јужна Германија, додека високите водостои и обилните врнежи од дожд го прекинаа железничкиот сообраќај.

Две брани на реката Паар, притока на Дунав, се пробиени во баварскиот округ Пфафенхофен ан дер Илм како резултат на обилните дождови што го зафатија регионот во последните денови, изјави портпаролот на областа.

Видете и ова: Германија го олесни влезот за баратели на работа од земји кои не се членки на ЕУ

Телото на пожарникарот беше пронајдено откако чамец на надувување со четворица пожарникари се преврте обидувајќи се да одведе жители на безбедно во градот Пфафенхофен ан дер Илм.

Возот излета од шините откако земјата се урна под дел од пругата во близина на градот Швебиш Гмајнд, на околу 50 километри источно од Штутгарт, во саботата навечер. Сите 185 патници се неповредени.

Германскиот железнички оператор Дојче Бан предупреди на откажувања и одложувања. Услугите беа прекинати на неколку линии, вклучително и од Минхен до Берлин, Штутгарт и швајцарскиот град Цирих.