Грузиската опозициска партија објави дека биле нападнати нејзините простории

Фотографијата објавена од Обединетото национално движење на која се наведува дека нападот се случил во текот на ноќта на 31 мај 2024 година.

Грузиското опозициско Обединето национално движење денеска соопшти дека нивните простории во Тбилиси во текот на ноќта биле нападнати од десетици маскирани лица.

Од таа партија изјавија дека се искршени стаклата на канцеларијата и дека опремата е оштетена.

Грузиското Министерство за внатрешни работи за грузискиот сервис на Радио Слободна Европа изјави дека е започната истрага за нападот.

Инцидентот доаѓа во време на зголемени тензии кога владејачката партија Грузиски сон го протурка во парламентот контроверзниот закон за „странски агенти“ за кој критичарите велат дека е сличен на законодавството што се користи во Русија за задушување на опозицијата и независните медиуми.

Видете и ова:

Грузиските невладини ќе го оспорат законот за „странски агенти“ пред уставните и европските судови

Парламентот во кој доминираше Грузискиот сон го усвои законот и покрај повеќенеделните протести кои беа задушени од полицијата со употреба на сила. Оваа недела, парламентот го надмина ветото на претседателката Саломе Зурабишвили.

Контроверзниот закон бара граѓанското општество и медиумските организации кои добиваат повеќе од 20 отсто од своето финансирање од странски извори да подлежат на надзор кој може да вклучи санкции за сè уште недефинирани криминални дела.

Група грузиски невладини организации најавија дека ќе го оспорат законот за „странски агенти“ пред домашни и меѓународни судови.