ДИК го одби приговорот од „Европски фронт“ за изборното место во Ларце

Државна изборна комисија

Државната изборна комисија (ДИК) попладнево не го прифати приговорот од Европскиот фронт за прегласувањето на Изборното место 2101 во село Ларце во Општина Желино.

Претставникот на „Европски фронт“, адвокат Ана Жаревска истакна дека приговорот се однесува на повреди на постапката за гласање, како и за постапката за утврдување и сумирање на резултатите.

„Избирачкиот одбор на двајца гласачи без да бараат помош за да гласаат им дозволил на други лица да им кажуваат кој број ќе го заокружуваат и воедно не го почитувал задолжението на ДИК од упатството дека во текот на гласањето во целиот процес треба да присуствуваат седум членови на избирачкиот одбор. Во околу 18:50 часот на денот на гласањето, односно на 22 мај , во просториите на гласачкото место дошле двајца возрасни гласачи со друго лице и без да бараат помош лицето ги земал нивните гласачки ливчиња и гласал наместо нив, со што е повредена правилото за непосредност на остварување на избирачкото право. Во записникот на образец број 16 се пополнети податоци дека се искористени 550 гласачки ливчиња додека, во сумираниот збир фигурираат 565 гласачи кои го оствариле правото на глас по различни основи, рече Жаревска.

Видете и ова:

Поранешни министри, лекари и директори се новите пратеници

За тие основи на приговорот, претседателот на ДИК, Александар Даштевски рече дека до нив во текот на целиот изборен ден не биле пријавени неправилности.

По разгледувањето на целиот избирачки материјал, Даштевски рече дека се утврдило потполна иста состојба како што е во записникот и предложи да се одбие приговорот како неоснован.

По прегласувањето во избирачко место 2101 во Ларце, Желино, Коалицијата „Европски фронт“ загуби еден пратеник во однос на резултатите од 8 мај, додека Коалицијата „Вреди“ доби еден пратенички мандат. За прегласувањето на 22 мај во седум изборни места во петтата и шестата изборна единица, до ДИК немаше други приговори.

На одлуката од ДИК кандидатите имаат право на тужба до Управниот суд кој, пак треба да одлучи во рок од 48 часа по приемот на тужбата.