Борел: Одлуките на Меѓународниот суд на правдата мора да се спроведат

Жозеп Борел, шеф на европската дипломатија

Одлуките за Газа на Меѓународниот суд на правдата мора да бидат спроведени, изјави во понеделник (27 мај) во Брисел шефот на европската дипломатија Жозеп Борел, пред состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ и на неколку арапски земји.

„Сите се согласуваат дека одлуките на Судот се обврзувачки и мора да се спроведат“, рече Борел, по повикот на судот до Израел „веднаш“ да ја прекине офанзивата на Рафа, во јужниот дел на Појасот Газа.

Сепак, тој додаде дека постои „дилема“ како Mеѓународната заедница може да го обезбеди спроведувањето на овие одлуки.

Борел рече и дека Европската Унија има намера да постигне начелен договор за продолжување на граничната мисија на ЕУ во Рафа.

Видете и ова: Хамас истрела ракети кон Тел Авив за прв пат по неколку месеци

Унијата размислува и за заживување на својата гранична мисија на Европската Унија (ЕУБАМ) Рафа, која беше суспендирана во 2007 година кога палестинската милитантна група Хамас, организација означена како терористичка организација од Соединетите Држави и Европската Унија, ја презеде целосната контрола врз Газа.

Преминот Рафа е главната влезна точка за помош од Египет и е затворен откако израелските сили ја презедоа контролата врз него од страната на Газа пред речиси три недели.

„Денес можеме да имаме политичка одлука, а потоа таа треба технички да се спроведе“, изјави Борел за новинарите, додавајќи дека таа не може да се спроведе без одобрение на Израел, Египет и Палестинците.

Започнувањето на таа цивилна мисија треба да добие согласност од 27-те земји-членки на ЕУ.

Министрите на Европската Унија ќе разговараат за тоа во понеделник пред да се сретнат со нивните колеги од Египет, Јордан, Катар, Емиратите и генералниот секретар на Арапската лига, рече Борел.

Палестинските власти во понеделникот го обвинија Израел за бомбардирање на кампот за раселени луѓе во близина на Рафа, каде што загинаа 40 лица. Во исто време, Египет го осуди „намерното израелско бомбардирање на шаторите на раселените“ во Рафа.

Видете и ова: Тешки борби на северот на Газа, израелски тенкови навлегуваат во Рафа

Египетското Министерство за надворешни работи го повика Израел „да ги спроведе мерките наложени од Меѓународниот суд на правдата во врска со итен прекин на воените операции“ во Рафа. Министерството го осуди „новото флагрантно кршење на одредбите на меѓународното хуманитарно право“.

Палестинското претседателство и Хамас го обвинија Израел дека извршил „масакр“ со гаѓање центар за раселени лица во близина на Рафа, додека израелската армија соопшти дека нападот бил на комплекс каде што дејствувале терористите.

Палестинската цивилна одбрана на Појасот Газа објави дека во израелските напади врз Рафа загинале 40 лица, а 64 се ранети.

Војната во Појасот Газа започна кога милитантите на Хамас започнаа невиден напад врз Израел на 7 октомври, при што според израелските власти загинаа околу 1200 луѓе, главно цивили. Хамас киднапираше и околу 250 луѓе, од кои 100 се уште се заробени во Појасот Газа.

Израел потоа започна офанзива на Газа во која досега загинаа најмалку 35 980 луѓе - две третини од нив жени и деца и рани повеќе од 80 640, според локалното Министерство за здравство, кое е под контрола на Хамас.