Коалицијата „Европски фронт“ доставила приговор до Државната изборна комисија (ДИК) за прегласувањето на Изборното место 2101 во село Ларце во Општина Желино, велат од ДИК. Со прегласувањето на ова избирачко место, коалцијата „Европски фронт “ предводена од ДУИ изгуби едно пратеничко место, а едно повеќе доби нејзниот опонент коалицијата Влен.
Други приговори за прегласувањето на 22 мај во седум изборни места во петата и шестата изборна единица до ДИК нема пристигнато.
Според изборните правила ДИК за приговорот дали го прифаќа или не, треба да донесе одлука во рок од 72 часа по приемот на приговорот. На решението од ДИК кандидатите имаат право на тужба до Управниот суд кој, пак треба да одлучи во рок од 48 часа по приемот на тужбата.
Според првичните резултати по прегласувањето во седум избирачки места во изборните единици пет и шест на парламентарните избори коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ останува со 58 пратенички мандати, додека Коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ загуби еден пратеник и има 18 пратенички мандати, исто колку и Коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ. Коалицијата „Вреди“ по прегласувањето доби еден пратеник повеќе и сега има 14, додека Движење ЗНАМи Левица остануваат со по шест пратенички мандати.