Спасена група со седумгодишно дете која залутала во клисурата кај Пчиња

Директорот на ЦУК со извлечените луѓе кај Пчиња

Спасени се залутани две жени, еден маж и едно седумгодишно момче, доцна синоќа откако заглавиле на исклучително стрмен терен, пред манастирот Мала Богородица по клисурата на реката Пчиња под автопатот Скопје Велес. Спасители со чамец по Пчиња од Катланово стигнале до локацијата каде што биле залутаните лица и безбедно ги извлекле од десниот на левиот брег, а потоа и до автопатот.

„Теренот таму е исклучително стрмен и опасен за движење“, информираа од Центарот за управување со кризи.

Оттаму велат дека тројцата планинари со детето биле спасени доцна во ноќта, после полноќ, со помош на тим на спасители на вода од доброволно друштво од Велес со кое ЦУК соработува за вакви ситуации.

Видете и ова:

Со пензионирани пилоти ќе се спасува сезоната на пожари 

„За жал, водејќи се по џи-пи-ес ја промашиле патеката и се заглавиле на стрмните падини и побараа помош на бројот 112. Спасителите не можеа да дојдат до нив, една карпа не дозволуваше да се пристапи до нив. Но, тие се пробија до десната страна на брегот на реката Пчиња“, вели директорот на ЦУК Стојанчо Ангелов кој синоќа бил дел од спасувачката акција.

Во 2 часот по полноќ лицата беа безбедно префрлени преку реката Пчиња и извлечени горе на автопатот, од каде што со возила се превезоа во нивните домови во Скопје соопштија од Центарот за управување со кризи.