Над 10.000 баратели на азил пристигнале во Британија со мали чамци од јануари годинава до сега, покажуваат новите владини податоци објавени на 25 мај. Тоа е еден од клучните предизвици со кои се соочува премиерот Риши Сунак пред националните избори на 4 јули.
Бројот на луѓе кои пристигнаа на јужните плажи на Англија откако стана опасен преминот низ англискиот канал се намали за една третина во 2023 година. Но последните податоци покажаа дека 10.170 пристигнале помеѓу јануари и 25 мај, што е повеќе од 7.395 во истиот период минатата година.
Британскиот премиер Сунак, кој го објави датумот на изборите во средата, соопшти дека барателите на азил кои дошле во Британија илегално нема да бидат депортирани во Руанда пред гласањето - што фрла сомнеж врз една од водечките политики на неговата Конзервативна партија.
Планот е заглавен со правни пречки повеќе од две години, а опозициската Лабуристичка партија, која има околу 20 поени предност во анкетите и се гледа на пат да стави крај на 14-годишното владеење на конзервативците, вети дека ќе ја укине политиката доколку победи на изборите.
Министерот за имиграција во сенка на лабуристите, Стивен Кинок, рече дека владата на Сунак не направила доволно за да се справи со ова прашање.
„Бидејќи сите напори на владата сега се насочени кон тоа да се префрлат неколку стотици луѓе во Руанда, тие ги изгубија од вид уште илјадници кои го минуваат Каналот секој месец“, се вели во соопштението на Кинок.
Лабуристите рекоа дека доколку бидат избрани ќе создадат посебно владино тело за гранична безбедност која ќе ги собере вработените од полицијата, домашната разузнавачка агенција и обвинителите за да работат со меѓународните агенции за да се спречи шверцот на луѓе.