Зеленски ја покани Сиљановска Давкова во Украина

Гордана Сиљановска Давкова, претседателка на Северна Македонија

Македонската претседателка Гордана Сиљановска Давковa денеска оствари телефонски разговор со претседателот на Украина, Володимир Зеленски.

Таа во разговорот ја изрази македонската недвосмислена поддршка кон Украина во однос на неиспровоцираната и неоправдана руска воена агресија, додавајќи дека украинскиот народ може и во иднина да смета на македонското сојузништво и пријателство во справувањето со историскиот предизвик со трајни и несогледливи последици, се вели во соопштението од нејзиниот кабинет.

Видете и ова: ЕУ: Новата претседателка Сиљановска Давкова имаше несреќен настап


Двајцата соговорници разменија мислење и за претстојниот Самит чиј домаќин ќе биде Швајцарија, чија цел е да создаде рамка поволна за сеопфатен и траен мир во Украина.

Претседателот Зеленски ја поканил претседателката Сиљановска Давкова да ја посети Украина, за што тие дополнително ќе се консултираат на Самитот во Швајцарија, пишува во соопштението.

Телефонскиот разговор со претседателот Зеленски, претседателката Сиљановска Давковa го оствари од Рим, за време на нејзината посета на Италија и Светиот Престол по повод манифестацијата „Македонија во чест на Св. Кирил“.