Најавена првата средба на лидерите на Јужна Кореја, Кина и Јапонија по речиси пет години

Од лево кон десно: јужнокорејскиот претседател Џун Сук-Јол, кинескиот премиер Ли Кианг и јапонскиот премиер Фумио Кишида.

Лидерите на Јужна Кореја, Кина и Јапонија ќе се сретнат следната недела во Сеул, а ова ќе биде нивна прва трилатерална средба по неполни пет години, а со цел да разговараат за тоа како да ја обноват нивната соработка, соопшти во четвртокот, 23 мај, канцеларијата на јужнокорејскиот претседател.

По инаугуративниот трилатерален самит на кој присуствуваа само лидерите на овие земји во 2008 година, нивните состаноци требаше да се одржуваат секоја година.

Сепак, последниот самит се одржа во Кина во декември 2019 година, по што се случи пандемијата со ковид-19, но и односите меѓу трите соседи на Далечниот Исток се искомплицираа.

Јужнокорејскиот претседател Јун Сук Јеол, кинескиот премиер Ли Кианг и јапонскиот премиер Фумио Кишида ќе бидат присутни на трилатералната средба закажана за понеделник, 27 мај, најави на пресконференцијата заменик-директорот за национална безбедност на Јужна Кореја.

Кинескиот претседател Си Џинпинг нема да присуствува.

Ли и Кишида треба да пристигнат во Јужна Кореја во недела, а попладнето ќе се сретнат со Јун поединечно пред официјалната вечера. Според јапонските власти, се уште не се знае дали ќе има билатерална средба меѓу Кишида и Ли.

„Самитот ќе биде пресвртница за Кореја, Јапонија и Кина за целосно воспоставување и нормализирање на системите за тристрана соработка“, рече Ким.

Видете и ова: Дводневни воени вежби на Кина во морето околу Тајван

Ким рече дека се очекува тројцата лидери да разговараат за соработка на шест теми предложени од Сеул, и тоа - размена на персонал, климатски промени, трговија со стоки, здравје и стареење на населението, технологија и природни катастрофи. Тој рече дека овие дискусии ќе бидат вклучени во заедничка изјава на крајот на самитот.

Тој додаде дека лидерите ќе разговараат за регионалните и меѓународните политички прашања, но не прецизираше кои, како и за заеднички одговор на бројните глобални кризи и придонес за светскиот мир.

Трите земји, кои се тесно поврзани економски и културно, заедно придонесуваат со 25% од светскиот бруто домашен производ.

Но, напорите за зајакнување на соработката честопати беа закочени поради различни прашања, вклучително и историски спорови за јапонската агресија во минатите војни и стратешкиот натпревар меѓу Кина и САД.

Јужна Кореја и Јапонија се клучни воени сојузници на САД, а на нивна територија се стационирани повеќе од 80.000 американски војници. Бавно напредувачката нуклеарна програма на Северна Кореја и зголемената кинеска самоувереност во регионот ги поттикна Сеул и Токио да го зајакнат своето безбедносно партнерство со Вашингтон, што ги налути Пекинг и Пјонгјанг.

Набљудувачите оценуваат дека трилатералната средба доаѓа во време кога трите азиски земји треба да ги подобрат односите. Тие веруваат дека Јужна Кореја и Јапонија сакаат да ги зачуваат добрите односи со нивниот најголем надворешно трговски партнер, Кина, но дека Пекинг не сака да види дополнително зајакнување на безбедносната соработка долж оската Сеул-Токио-Вашингтон.

Видете и ова: Бајден ги зголеми царините за кинеските електрични возила и други производи

„Ако продолжи сегашната ситуација, Јужна Кореја, САД и Јапонија ќе продолжат да се држат заедно, со што ќе формираат алатка за држење на Кина под контрола. Затоа, Кина размислува во насока дека подобрувањето на соработката со Јужна Кореја и Јапонија ќе им служи на нивните национални интереси“, рече Ким Јеол Су, аналитичар во Корејскиот институт за воени прашања.

Односите меѓу Јужна Кореја и Јапонија имаа сериозни турбуленции во минатото, поради проблемите што произлегуваат од јапонската колонизација на Корејскиот полуостров во првата половина на 20 век.

Сепак, нивните односи се значително подобрени од 2023 година, кога двете земји презедоа неколку значајни чекори за надминување на историските поделби и зајакнување на соработката соочени со заедничките предизвици како што се нуклеарните амбиции на Северна Кореја и слабостите во глобалниот синџир на снабдување.

Јужна Кореја, Јапонија и САД сакаат Кина, како главен сојузник и најголем донатор на Северна Кореја, да ја искористи својата моќ за да го убеди Пјонгјанг да се откаже од својата нуклеарна програма.

Кина официјално не ја поддржува нуклеарната програма на Северна Кореја, но е осомничена дека избегнува целосна примена на санкциите на Обединетите нации против Пјонгјанг и дека тајно им праќа помош за да го одржи својот сиромашен социјалистички сосед.

Експертите оценуваат дека Северна Кореја е еден вид штит на Кина против американското влијание на полуостровот и дека им служи на нивните стратешки интереси.