Радев: Позитивен знак е желбата на Северна Македонија за дијалог

Румен Радев, претседател на Бугарија

Република Северна Македонија треба да покаже дека навистина сака да биде дел од обединета Европа со тоа што ќе ги исполни сите барања што и ги поставува ЕУ, исто како што било за секоја земја членка, изјави бугарскиот претседател Румен Радев пред новинарите во Рим, пренесува БТА. Бугарскиот претседател е во официјална посета на Рим и Ватикан по повод одбележувањето на Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј.

„Мојата порака до претседателката на Република Северна Македонија е дека Бугарија час поскоро очекува промена на реториката и конечно да престане со јазикот на омразата“, изјави Радев.

Според Радев, поради набиената програма организирана до минута, бугарската делегација не можела да се сретне со делегацијата на Република Северна Македонија, која престојува во Рим и е предводена од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

„Позитивен знак е што претседателката на Република Северна Македонија покажала желба за ваква средба“, одговорил Радев на прашањето дали е побарана средба меѓу него и Сиљановска-Давкова во Рим.

Видете и ова:

Сиљановска-Давкова на прием кај Папата, средба со Радев нема да има

Очекувам, нагласил Радев, дека таква средба ќе има наскоро. Прашан дали ја кани Сиљановска-Давкова во Бугарија, Радев одговорил „Ја поканувам, секако“.

„Сметам дека желбата на Република Северна Македонија за дијалог е позитивен знак. Само преку дијалог ќе ја зајакнеме меѓусебната доверба, ќе ги решиме сите спорни прашања и ќе ја отвориме вратата на РСМ кон ЕУ. Се надевам и мој апел е дека оваа средба ќе се случи час поскоро. На ред е претседателот на РСМ, ако не се лажам, да дојде во Бугарија“, изјавил Радев.

Претседателката ја предводи државно-црковната делегација во посета на Рим и Ватикан, по повод честувањето на 24 Мај, Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј. Ова е нејзина прва посета во странство по преземањето на функцијата на 12 мај.