Државната изборна комисија соопшти дека излезноста на седумте избирачки места во кои денеска се прегласува за парламентарните избори до 15 часот е 34,87 проценти. Од вкупно запишаните 4.514 гласачи гласале 1.574 гласачи.
Во споредба со гласањето на 8 мај, на ова прегласување се забележува зголемена излезеност за 1,21 проценти на овие избирачки места.
Најголема излезност има на избирачкото место во Желино каде гласале 428 гласачи односно 43,10 проценти, а веднаш по него е Струга и изборното место 1844 каде што до 15 часот правото на глас го искористиле 299 гласачи, односно 39 процети. Најмала е излезноста во Крушево на избирачкото место 1202 каде до 15 часот гласале 67 гласачи односно 22,48 проценти.
Видете и ова:
Четворица кандидати за пратеници во битка за две пратенички фотелји
Денеска се прегласува во петтата изборна единица во пет избирачки места, додека во шестата изборна единица на едно избирачкото место во Желино.
Граѓаните ќе може да избираат меѓу 6 кандидатски листи во петката, додека во шестката ќе може да избираат свој претставник во Собранието од 4 кандидатски листи. Тие се предложени од четири коалиции и две партии кои самостојно настапуваат на изборите.
По прегласувањето во петката и шестката ДИК со посебен заклучок ќе ги објави конечните остварени резултати по кандидатски листи за Изборна единица број 5 и број 6, вкупниот број на доделени мандати по кандидатски листи и кандидатите кои дополнително ќе се стекнат со мандат за пратеник во Собранието на Република Северна Македонија.