Вработените во сите подружници на Македонска пошта денеска протестираат за да го изразат револтот и загриженоста за иднината на компанијата и за зачувување на своите работни места, затоа што подолг период таа се соочува со огромна финансиска криза и со лоша организација на работењето, порача на прес-конференција Боро Велигденов, претседател на Синдикалните организации на Македонска пошта.
„Не знаеме кога ќе земеме плата поради тоа што немаме доволно финансиски средства, а и менаџерскиот тим нема одговор на тоа прашање, затоа што чекале некаков прилив. Македонска пошта е доведена до состојба на уништување, опстојувањето е под голем знак прашалник и бараме итна средба со новата влада и да ги решиме состојбите. Она што го бараме со години е да се отпочне веднаш и неодложно со новите реформи и целокупна реорганизација. Владата треба да се заземе за интересот на Македонска пошта, бидејќи 2000 вработени ќе останеме на улица и ќе бидеме единствен пример во светот државна пошта да не функционира, односно да не постои“, изјави Велигденов.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Поштарот сѐ поретко ѕвони, ниските плати ги избркаа поштарите
Синдикалните претставници во Македонска пошта побараа реформите во компанијата да почнат што побрзо, со преземање посериозни мерки за стабилизирање на состојбите.
„Да нема повеќе 15 подружници со 15 директори и илјада соработници, нам ни требаат работници во технолошкиот процес за граѓаните да бидат задоволни од нашите услуги. Идната влада да преземе мерки и за регулаторното тело Агенција за пошти, кое од нас добива добар прилив за плати, тоа треба да работи според Законот за поштенски услуги. Имаме информации дека во нашата држава се дистрибуираат пратки од соседните земји, што е во спротивност со сите меѓународни прописи за поштенски сообраќај“, истакна Сашо Димитриески, повереник во Синдикатот на Македонска пошта.
На прес конфренцијата беше побарано да се престане и со партизираната кадровска политика која како што беше речено, ја уништила Македонска пошта, а најавен е и штрајк за почетокот на идниот месец.