Европскиот пат е цел на меѓународната политика на Србија, изјави премиерот Милош Вучевиќ, додавајќи дека без влезот на земјите од Западен Балкан во Европската унија, европската приказна е нецелосна.
Вучевиќ, како што наведе, во експозето на новата Влада „јасно кажа“ дека Србија ќе се движи по европскиот пат.
Тој рече дека тоа не го изјавил од формални причини или „бидејќи се подразбира“, туку затоа што тоа е политичка цел на Србија на меѓународен план.
Тој рече дека е задоволен што Србија почнала да постигнува резултати во рамките на Зелената агенда, како и со реформите во областа на правдата и економијата, но и што успеала да го зачува мирот сите овие години.
Тој додаде дека Србија често заборава колку донации и грантови има од ЕУ, а најголемата поддршка има од нејзините институции.
Видете и ова:
Ален - САД ги охрабруваат лидерите на Северна Македонија да го почитуваат Преспанскиот договор
Според него, Европа сè уште претставува систем на вредности кој е најпосакуван во човештвото, но се соочува со големи предизвици, од кои еден од најголемите е демографското прашање, во однос на старосната структура.
Зборувајќи за земјите од Западен Балкан и членството во ЕУ, тој рече дека му е тешко да замисли некоја од тие земји да стане членка пред Србија.
Коментирајќи го односот со Косово, Вучевиќ рече дека косовското прашање може да се реши само меѓу Србите и Албанците, дека прашањето не може да се реши долгорочно со наметнување решение и оти смета дека косовскиот премиер Аљбин Курти прави голема грешка со притисокот врз српскиот народ.
Тој рече дека нивната стратегија е да го зачуваат мирот и да го зачуваат својот народ на Косово, како и да договорат се што можат со Албанците и да постигнат историски договор со нив.
Србија не ја признава независноста на Косово, прогласена во 2008 година, а преговорите се водат под покровителство на Европската унија, што треба да резултира со правно обврзувачки договор.