Авион на „Сингапур ерлајнс“ од Лондон во вторник (21 мај) принудно слета во Бангкок поради силни турбуленции. Притоа еден патник загинал, а локалните медиуми јавуваат за неколку повредени.
Засега не е јасно во кој момент од летот настанале повредите и смртта на патниците, пишува Ројтерс.
На социјалните мрежи се објавени неколку видео снимки на кои се прикажани возила за итни случаи на аеродромот. Тајландските медиуми јавуваат дека 30 патници биле повредени.
Видете и ова: Карго авион принудно слета на аеродромот во ИстанбулОфицијален претставник на аеродромот Суварнабхуми во Бангкок потврди еден смртен случај, но не го потврди вкупниот број на повредени.
„Авионот Боинг 777-300ER со 211 патници и 18 членови на екипажот бил на пат за Сингапур кога принудно слетал. Наш приоритет е да им обезбедиме секаква можна помош на патниците и членовите на екипажот“, велат во соопштението од компанијата.
Во октомври 2000 година, авион на Сингапур Ерлајнс се урна на затворена писта за време на полетувањето во Тајван. Тогаш загинаа 83 лица. Според Мрежата за безбедност на воздухопловството, оваа компанија имала седум несреќи.