Гласаат болните и затворениците пред утрешното прегласување во седум избирачки места

илустрација

Во седум избирачки места во изборните единици 5 и 6 денеска гласаат болни и изнемоштени лица, како и затвореници пред утрешното прегласување за парламентарните избори во седум избирачки места.

Прегласување ќе се спроведе на избирачките места 2101 во Желино,1194 во Крушево, 1202 исто така во Крушево, 1272 во Охрид, 1470 во Долнени, 1470/1 исто така во Долнени, како и во 1844 во Струга.

Право на глас во овие избирачки места имаат вкупно 4521 гласач.

Поради повторување на гласањето за Парламентарните избори 2024 во седум гласачки места во Изборните единици 5 и 6, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги вчера ги извести националните радиодифузери и радиодифузерите кои емитуваат програма на подрачјето на Охрид, Крушево, Струга, Долнени и Желино дека за нив важат обврските за изборниот молк, кој почна од ноќеска на полноќ и ќе трае до 19 часот на 22 мај 2024 година.

За време на молкот, медиумите продолжуваат да известуваат за изборниот процес, но престануваат сите облици на изборно медиумско претставување на учесниците во изборната кампања.

Државната изборна комисија(ДИК) го поништи гласањето на овие седум избирачки места, а одлуката беше потврдена и од страна на Управниот суд посочувајќи дека тужбите на „Европскиот фронт“ предводен од ДУИ се неосновани.

Видете и ова:

ДИК: Прегласување во седум избирачки места на 22 мај

ДИК, исто така, ги смени и членовите на избирачките одбори во овие избирачки места.

Поради ваквата одлука на Управниот суд и на ДИК, ДУИ обвини дека се прави изборен инженеринг со цел на партијата да и се одземат две освоени пратенички места. СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се надеваат дека доколку се променат резултатите од гласањето во овие седум избирачки места тие би добиле по уште еден мандат во Парламентот.

Видете и ова:

Четворица кандидати за пратеници во битка за две пратенички фотелји

Парламентарните избори во Северна Македонија се одржаа на 8 мај, заедно со вториот круг претседателски избори.