Израел и Хамас го осудуваат барањето за апсење на нивните лидери

Населба во градот Газа во северниот дел на палестинската територија. 15 мај 2024 година.

Израелскиот претседател Исак Херцог изјави дека барањето на главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд (МКС) за апсење на израелски функционери поради војната во Газа е срамно.

„Донесен со лоша намера, овој едностран потег претставува едностран политички чекор кој ги охрабрува терористите ширум светот и ги крши сите основни правила на судот“, рече Херцог.

Херцог изрази очекување дека потегот на обвинителот ќе биде осуден и отфрлен од сите лидери на „слободниот свет“.

Тој исто така изјави дека лидерите на Хамас се виновни за иницирање масовни убиства и дека обидот да се повлечат паралели меѓу нив и демократски избраната влада на Израел е неприфатлив.

„Таа (владата) работи на исполнување на својата должност да ги брани и заштити своите граѓани во целосна согласност со меѓународното право“, заклучи Херког.

Видете и ова:

Меѓународниот кривичен суд побара апсење на Нетанјаху и на лидерот на Хамас

Меѓународниот кривичен суд ги обвинува израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и министерот за одбрана Јоав Галант за истребување, гладување како метод на војна, одбивање на хуманитарна помош и гранатирање на цивили во Појасот Газа.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја нарече скандалозна одлуката на главниот обвинител на МКС, пишуваат израелските медиуми.

„Ова нема да ме спречи, ниту ќе не спречи“, наводно рекол Нетанјаху на состанок на неговата партија Ликуд, пренесува израелскиот портал Ynet.

Тајмс оф Израел наведува дека Нетанјаху се очекува наскоро да даде официјално соопштение.

МКС ги бара и претставниците на Хамас Исмаил Ханије, Јахја Синвар, Мухамед Деиф за, како што наведува судот, злосторства на истребување, убиства, земање заложници, силување, сексуални напади и тортура, пренесуваат агенциите.

Претседателот на израелскиот парламент (Кнесет) Амир Охана изјави дека Меѓународниот кривичен суд во Хаг му докажал на светот дека не е легитимен.

„Тоа е скандалозна одлука што ја става државата Израел заедно со терористичката организација Хамас, која киднапираше, мачеше, палеше, масакрираше и убиваше Евреи“, рече Охана.

Палестинскиот Хамас, кој Европската унија (ЕУ) и Соединетите Американски Држави (САД) го сметаат за терористичка организација, објави дека најостро го осудува барањето на главниот обвинител на МКС.

„Тоа ги претставува обидите на обвинителот на Меѓународниот кривичен суд да ја изедначи жртвата со џелатот со издавање налози за апсење против голем број лидери на палестинскиот отпор“, се вели во соопштението на организацијата, пренесува Франс прес.

Видете и ова:

Жестоки судири во Рафа

Високиот функционер на Хамас, Сами Абу Зухри, рече дека одлуката на обвинителот го охрабрува Израел да продолжи со својата „војна за истребување“.

Васел Абу Јусеф од Палестинската ослободителна организација (ПЛО) оцени дека постои конфузија околу тоа која е жртвата.

„Палестинскиот народ има право да се брани. Бараме од МКС да издаде налози за апсење на израелски службеници кои вршат геноцидни злосторства во Појасот Газа“, рече Јусеф.

Новинските агенции јавуваат дека Хамас и другите екстремистички организации во Појасот Газа се верува дека држат 129 заложници од околу 250 кои беа киднапирани за време на нападот на 7 октомври на јужен Израел, во кој загинаа околу 1.200 луѓе. Се додава дека повеќе од 35.500 Палестинци биле убиени во израелската воена кампања што следеше во Појасот Газа. Израел тврди дека загинале 282 израелски војници.

Главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд (МКС), Карим Кан, побара да се распишат налози за апсење на лидерите на Хамас и Израел, вклучително и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Како што објави АП на 20 мај, Кан рече дека верува оти Нетанјаху, израелскиот министер за одбрана Јоав Галант и тројца лидери на Хамас се одговорни за воените злосторства и злосторствата против човештвото во Појасот Газа и Израел.