Ален: Формирање на заедница на општини е важен чекор за евроатлантскиот пат на Косово

Елизабет Ален и Вјоса Османи, Приштина, 19 мај 2024 година.

Американската државна потсекретарка за дипломатија и односи со јавноста, Елизабет Ален, смета дека формирањето на заедница на општини со српско мнозинство на Косово е важен чекор во остварувањето на евроатлантските цели на оваа земја.

Ова Ален го изјави во неделата по средбата со претседателката на Косово, Вјоса Османи.

„Потврдувам дека го поддржуваме патот на Косово кон евроатлантските институции преку тесна соработка и знам дека тоа е важно за вас. Разговаравме за важен чекор на евроатлантскиот пат на Косово, заедницата на општините со српско мнозинство“, рече Ален.

Преземањето чекори кон формирањето на таа заедница е и услов за членство на Косово во Советот на Европа, водечката организација во областа на човековите права.

Видете и ова: Амбициите на Косово за Советот на Европа - блиску до целта или во пит-стоп?

Ден пред состанокот на Комитетот на министри на Советот на Европа, косовските власти соопштија дека во текот на месец мај ќе испратат предлог за формирање на заедница на општини со српско мнозинство до Уставниот суд на Косово за разгледување, но високи претставници на Западот рекоа дека такво нешто е недоволно за исполнување на условите.

Комитетот на министри на Советот на Европа се состанува еднаш годишно, а не е јасно кога Косово ќе може да стане членка на таа организација.

По средбата, Османи и Ален потпишаа меморандум за разбирање меѓу САД и Косово против манипулациите со информации од странски држави.

Османи рече дека посетата на Елизабет Ален го симболизира трајното партнерство меѓу САД и Косово, како и докажување на заемната посветеност на соработката во борбата против заедничките предизвици.

„Во светло на глобалните трендови и динамика, предизвиците несомнено се зголемуваат. Сепак, нашата соработка се материјализира на извонреден начин“, рече претседателката Османи, споменувајќи голем број потпишани договори со американските агенции кои работат во Косово.

Османи истакна дека новопотпишаниот договор ќе помогне да се обединат силите против манипулацијата со информации, оценувајќи дека кампањите за дезинформација претставуваат голема закана за стабилноста на Косово и на Западен Балкан, притоа споменувајќи го ризикот од сајбер напади.

„За жал, ниту Косово не е поштедено од овие напади, кои доаѓаат и се засилуваат како резултат на влијанието на Русија во регионот, преку нејзиниот сателит Србија. Ова не само што е вознемирувачко, туку и активна закана за дестабилизација на нашиот регион. “, рече Османи.

Видете и ова: ЕУ: Косово ќе го загрози европскиот пат ако не формира Заедница на српски општини

На 15 мај Елизабет Ален ја посети и Србија.

Ален таму се сретна со претседателот на земјата, Александар Вучиќ, со кого разговараше и за важноста на напредокот во дијалогот со Косово.

Косово и Србија водат дијалог во Брисел за нормализација на односите од 2011 година. Двете страни имаат потпишано голем број договори, но, не сите се спроведени.

Европската унија повторува дека решавањето на сите проблеми меѓу двете земји е многу важен фактор за нивниот европски пат.