Франција започна операција за спроведување на законот во Нова Каледонија

Полицијата на улиците, Нумеа, 18 мај 2024 година.

Франција започна голема операција за спроведување на законот во јужниот пацифички архипелаг Нова Каледонија за да го расчисти патот до аеродромот, откако во немирите против изборните реформи загинаа шест лица, пишува Ројтерс.

Оваа операција има за цел „да ја врати целосната контрола на 60-те километри од главниот пат меѓу Нумеа и аеродромот“, објави францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманин.

Операцијата беше започната откако Нов Зеланд побара од Франција да го обезбеди аеродромот за враќање на нејзините државјани.

„Подготвени сме да полетаме и чекаме одобрение од француските власти“, изјави министерот за надворешни работи на Нов Зеланд, Винстон Петерс.

Бидејќи летовите до и од Нова Каледонија беа прекинати од вторникот, владата на архипелагот процени дека околу 3.200 луѓе се блокирани на аеродромот.

Видете и ова: Франција го обвини Азербејџан за вмешаност во немирите на Нова Каледонија

Немирите започнаа во понеделникот кога Франција расправаше за нацрт-законот со кој на илјадници француски граѓани во јужниот пацифички архипелаг ќе им се даде право да гласаат на покраинските избори.

Движењето за независност на Нова Каледонија стравува дека таквата промена ќе резултира со слабеење на политичкото влијание меѓу домородниот народ Канак.

Националното собрание во Париз преку ноќ ја усвои реформата со 351 глас „за“ и 153 гласа „против“.

За Париз, Нова Каледонија е важна воено и геополитички, но и поради наоѓалиштата на никел.

Областа, каде што живеат околу 270.000 жители, доби голема автономија со договорот со Нумеа. Островот се наоѓа на околу 1.200 километри источно од Австралија.

На сите три референдуми за независност, одржани во 2018, 2020 и 2021 година, жителите гласаа да останат дел од Франција.

Но, движењето за независност го бојкотираше последното гласање и најави дека нема намера да ги прифати резултатите.