Претседателката на Грузија, Саломе Зурабишвили, во саботата на 18 мај стави вето на законот за „странски агенти“, во кој меѓу другото, ги таргетира и медиумите, а против кој Грузијците протестираат со недели, јавува грузискиот сервис на Радио Слободна Европа.
Според тој закон, медиумите и невладините организации би требало да се регистрираат како субјекти кои „ги застапуваат интересите на странските сили“, доколку повеќе од 20 отсто од нивните финансии доаѓаат од странство.
Законот, за кој критичарите тврдат дека е сличен на рускиот закон што претседателот Владимир Путин го користеше за да ја задуши опозицијата и независните медиуми, беше усвоен во вторник на 14 мај и покрај повеќенеделните протести во земјата и предупредувањата од Западот.
Видете и ова:
По протестите против законот за „странски агенти“, во Тбилиси марш за семејствотоПериодот пред и по усвојувањето на законот беше обележан со масовни демонстрации на десетици илјади Грузијци, кои постојано беа насилно задушувани, со солзавец, водени топови и гумени куршуми.
Зурабишвили претходно во текот на неделата најави дека ќе стави вето на законот и дека го смета законот за „неприфатлив“ и претставува јасно отстапување од европскиот пат на земјата.
Владејачката партија Грузиски сон, која исто така го „протурка“ законот во парламентот, има доволно мнозинство за да надвладее и да го одбие нејзиното вето.
Постои можност Европската унија да ја замрзне кандидатурата на оваа земја за членство поради законот, пишуваше оваа недела „Фајненшл тајмс“.
Помошникот американски државен секретар Џејмс О'Брајан, кој беше во Тбилиси еден ден пред усвојувањето на законот, изјави дека односите на Вашингтон со таа земја ќе бидат загрозени и дека американската помош за Грузија ќе биде предмет на ревизија доколку нацрт-законот биде усвоен.
„Ако законот се усвои без усогласување со нормите на ЕУ и ако продолжи ваквата реторика и клевета на САД и другите партнери, мислам дека односот е загрозен“, рече О'Брајан.
Сличен закон беше предложен во грузискиот парламент минатата година, но беше повлечен по масовните протести. Пред неколку месеци практично истото законско решение со ситни измени им беше вратено на пратениците.