Тошковски: Уапсена вработена во МВР - земала 12.500 евра за наводно посредување за социјални станови

Панче Тошковски

Техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски на неговиот Фејсбук профил објави дека вработена во МВР како виш аналитичар во скопска полициска станица е лишена од слобода под сомнение за сторено кривично дело измама. Вработената се товари дека измамила три лица за наводно посредување за добивање социјални станови.

„Наведеното лице е фатено на лице место во моментот на примопредавање на 12 500 евра, претходно криминалистички обработени кои ги прибавила за наводно посредување за добивање на социјални станови од Б категорија. Во врска со кривичното дело извршен е претрес во службените простории кои ги користела пријавената при што е пронајдена пообемна сомнителна документација која е поврзана со кривичното дело во вид на разни документи за кои постои сомневање дека се фалсификувани, разни договори за позајмици, договори за посредување за доделување на социјални станови, имотни листови, како и тефтер со ракопис во кој е водена евиденција за лица за кои биле вршени определени работи“, објави Тошковски на неговиот Фејсбук профил.

Како што наведува техничкиот министер, при извршен претрес во дом и други простории кои ги користи лицето И.М. лоцирани во Општина Сарај, било пронајдено и огнено оружје со шест парчиња муниција, кое оружје и муниција најверојатно ги поседува без дозвола, за што известено е и Одделението за недозволена трговија со оружје при СВР Скопје заради преземање на дополнителни мерки.

Тошковски пишува и дека МВР ќе продолжи со преземање на мерки и активности насочени кон испитување на евентуална поврзаност на наведеното лице со други високи полициски службеници.