Палевски ќе биде спроведен на распит во Кривичниот суд

Љупчо Палевски - Палчо, првоосомничен за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.

Основниот кривичен суд Скопје денеска доби официјално известување од Истражниот затвор Скопје за екстрадицијата на Љупчо Палевски, којшто е првоосомничен за случајот за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и велешкиот фризер Панче Жежовски (74). Палевски прво ќе биде спроведен до Кривичниот суд за да се изјасни за мерката притвор која му беше веќе определена, откако на 5 мај со авион беше екстрадиран од Турција во Северна Македонија.

Од судот соопштуваат дека денеска добиле и известување и барање за ангажирање на адвокат кој ќе го застапува Палевски во текот на постапката. Според законите во Северна Македонија, судот ги издава сите дозволи поврзани со истражната постапка и ги доставува до предложените адвокати за нивно понатамошно постапување.

„Дополнително, судија на претходна постапка во координација со надлежниот Јавен обвинител, ќе издаде наредба за спровод на осомниченото лице за негово произнесување во однос на околностите во предлогот на Јавниот обвинител за определување на мерката притвор, а за донесеното решение јавноста ќе биде известена“, се вели во соопштението од Основен кривичен суд Скопје.

Видете и ова: Финишира истрагата за Палчо за убиството на 14-годишната Вања

Истрагата за случајот, кој што го води Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје, е во завршна фаза. Палевски повеќе од пет месеци помина во екстрадициски притвор во Турција, откако беше фатен од турската полиција.

Палевски се гони за две грабнувања и две убиства на свиреп начин. Осомничени се и тројца соизвршители за овие дела, како и таткото на Вања Ѓорчевска кој се товари за помагање во грабнувањето на девојчето. За помагање во бегството, обвинителството сомничи уште едно лице.

Истрагата на Обвинителството беше отворена на 3 декември, откако случајот притви Палевски и останатите осомничени беше отворен по пријавата за исчезнувањето на малолетната Вања на 27 ноември, утрото кога таа не се појави на училиште.

Исчезнувањето со денови ја брануваше македонската, но и јавноста во регионот, а медиумите и социјалните мрежи беа преплавени со вести и апели се до 3 декември кога нејзиното тело беше пронајдено во околината на Скопје.

Видете и ова: Љупчо Палевски – Палчо со авион екстрадиран во Северна Македонија

Истиот ден беше кобен и за семејството на Панче Жежовски бидејќи полицијата соопшти дека неговото тело го пронашле во близина на Велес. Тој бил пријавен за исчезнат три дена пред Вања – на 24 ноември.

Палевски беше во бегство во Турција, а избегал во таа земја преку Србија и Бугарија, избега во Турција. Турската полиција успеа да го фати кај градот Балибекир на 5 декември 2023 година. Тој на 15 мај годинава беше екстрадиран во Северна Македонија.

Пред затворање на истрагата и поднесување на обвинение, Палевски треба да биде сослушан и во обвинителството. По евентуалното обвинение, тоа ќе оди на оценка во судот и ако добие зелено светло, ќе стартува судски процес. Во меѓувреме тој во притвор се чува под посебни безбедносни мерки.